Кои се симптомите на конго-кримската хеморагична треска и во кои држави, покрај Македонија, е присутна?
Периодов во Македонија се забележани три случаи на конго-кримска хеморагична треска – смртоносна болест која се пренесува преку убод од крлежи, но и заразени животни. Поради ова, веројатно ве интересира кои се симптомите на оваа болест, кој е изложен на ризик и дали постои начин да се заштитите. Информирајте се детално за оваа болест...
Кон крајот на јули, во Македонија беше забележан случај на конго-кримска хеморагична треска – болест која е предизвикана од вирус кој се пренесува преку убод од заразени крлежи.
Според соопштение на Институтот за јавно здравје од 31-ви јули, заразената пациентка починала.
Во истото соопштение, од ИЈЗ известија дека од лицата кои биле во контакт со пациентката, 5 биле со висок ризик, 24 со среден и 38 лица со низок ризик од зараза.
Викендов, односно на 12-ти август, беше забележан и третиот случај во Македонија, а поради стапката на смртност на вирусот, јавноста веќе стравува од епидемија.
Што точно претставува оваа болест и можете ли да се заштитите?
Според Светската здравствена организација, конго-кримската хеморагична треска е присутна во Африка, Балканот, Средниот Исток и Азија.
Болеста првпат била забележана на Кримскиот Полуостров во 1944 година. Во 1969 година, експертите утврдиле дека истиот вирус бил одговорен за болест која се појавила во близина на реката Конго во Африка.
По ова, болеста била наречена конго-кримска хеморагична треска.
Како се пренесува болеста и кој е изложен на најголем ризик?
Сигурно веќе знаете дека вирусот се пренесува преку убод од заразен крлеж. Но, според Центарот за контрола и превенција на болести од САД, болеста може да се пренесе и од заразени диви животни, но и заразени домашни животни како кози и овци, доколку се стапи во контакт со нивната крв или телесни течности.
Болеста се пренесува и од човек на човек, исто така ако се дојде до контакт со крвта или телесни течности на заразен пациент.
Луѓето кои работат со сточни животни, во месарници или во области каде што има епидемија со болеста се изложени на најголем ризик.
Исто така, луѓето кои патуваат во странство на места каде што е присутна болеста постои ризик да бидат заразени.
Кои се симптомите на болеста и колку е смртоносна?
Симптомите на болеста се јавуваат одеднаш, а меѓу првите кои се забележуваат се:
- главоболка
- треска
- болки во грбот
- болки во зглобовите
- болка во стомакот
- повраќање.
Исто така, може да се појават црвенило во очите и жолтица. Во посериозни случаи, се јавуваат промени во расположението.
Со напредувањето на болеста, може да се појават големи модринки, крвавење од носот, како и крвавење по инјектирање. Ова се симптоми кои обично се јавуваат по четвртиот ден од заразувањето и траат околу две недели.
Бројот на смртни случаи од болеста варира – од 9% до околу 40% од заразените.
Закрепнувањето од болеста е бавно и засега не е познато дали остава долготрајни последици кај оние кои се излечиле.