Импланти на задник, зголемување на пенис – пластични хирурзи откриваат кои се најризичните операции
Бразилскиот лифтинг на задник е една од најризичните процедури и всушност има највисока стапка на смртност. Па, многу пластични хирурзи не само што не го препорачуваат, туку и одбиваат да го прават.
Пластичните операции и процедурите за разубавување стануваат сè попопуларни, но факт е дека доаѓаат со одредени ризици.
Ако ја правите процедурата или операцијата кај проверен пластичен хирург, шансите за каква било компликација се мали.
Но, постојат третмани кои самите по себе носат толку голем ризик, што многу хирурзи не се ни нафаќаат да ги прават.
За BuzzFeed, неколку пластични хирурзи откриваат кои се процедурите и третманите кои самите не би ги направиле:
Отстранување масни наслаги од лицето (buccal fat removal)
Се чини дека оваа процедура станува мошне популарна кај познатите дами.
Процедурата вклучува отстранување масни наслаги од областа кај образите, така што лицето изгледа послабо, а јаболкниците поистакнати.
Според пластичниот хирург Ентони Јун, оваа процедура не одговара на сечие лице. Односно, процедурата може да биде корисна само за оние чие лице е пошироко во долниот дел.
Сепак, друг пластичен хирург – Кенет О. Ротаус – истакнува дека процедурата скоро секогаш ја прават луѓе кои веќе имаат слабо лице.
А, бидејќи со годините масните наслаги на лицето се намалуваат сами по себе, ова значи дека луѓето кои ја направиле процедурата ќе изгледаат постаро отколку што се.
Бразилски лифтинг на задник
Оваа процедура вклучува отстранување масни наслаги од еден дел од телото, како стомак или нозе, кои потоа се инјектираат во задникот.
Според Кенет Ротаус, оваа процедура е многу ризична и има повисока стапка на смртност од која било друга, па тој не ја ни нуди во неговата клиника.
Пластичниот хирург Керолин Џејкоб исто така не ја препорачува процедурата и вели дека дури и ако не настанат компликации, резултатот обично не е траен.
Импланти на задникот
Уште една процедура за зголемување на задникот, овојпат со силиконски импланти.
Пластичниот хирург Дејвид Кангело смета дека е многу ризично да се стават импланти во оваа област:
„Поради седењето, на оваа област има огромен притисок. Кога имате имплант, го намалувате дотокот на крв до мекото ткиво на задникот, а ова може да предизвика секакви проблеми“.
Тој вели дека ткивото може да се инфицира, но и дека имплантите можат да се изместат.
Хирургот додава и дека ако подоцна се одлучите да ги извадите имплантите, ќе останете со многу вишок кожа, по што ќе ви треба уште една операција.