Елена Стојановска за стилот и убавината: „Не внимавам на исхраната, од вежбање се откажувам по 2-3 недели“
„Не е за фалење, ама долго време немав никаква рутина за лицето, безгрижно се сончав, но многу бев дисциплинирана во поглед на шминката. Никогаш не одев на спиење без да ја исчистам. Сега кога имам зрела кожа, повремено правам третмани за нега. Имам дневна и ноќна рутина, која опфаќа хидратација на лицето, пептиди и детално чистење, посебно навечер“, ни откри водителката Елена Стојановска Јанковска.
За многумина Елена Стојановска Јанковска (43) е најубавата македонска водителка.
Со својот мил лик, прекрасната насмевка и шарм, Елена ги плени гледачите на утринската емисија „Ја сакам Македонија“, каде што не е само водител, туку и уредник, а ја уредува и утринска програма во ТВ Сител.
За својот стил на облекување, но и за тоа како ја одржува линијата иако е мајка, и како се негува, Елена ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com.
Стил на облекување
„Мојот стил на облекување го опишувам како романтичен. Тоа е така затоа што и во најспортската комбинација наоѓам простор за некој накит, украс за коса, што и да е...
Сакам нежни, пастелни тонови, а кога изборот е на црна боја, сигурна сум дека би вметнала и некоја тантела и слично.
Токму затоа вистинскиот збор е – романтичен.
Купувам сè, но не се врзувам, да речеме, за сто варијанти на фармерки или кошули во сите бои.
Се сметам себеси за многу практична личност и секогаш го купувам само тоа што ми треба.
Во Македонија има веќе многу брендови кои ги има и во светот, па затоа и гардеробата и чевлите ги купувам кај нас.
А кога сум надвор од земјата знам да се почестам со некое убаво парче гардероба кое сум го посакувала, а не ми било достапно.
Инаку, кога патувам се придржувам до она 'Сè свое со себе си носам'.
Па, така, иако сум практично спакувана имам сè што ми е потребно.
Од работи што никогаш не би ги носела се парчиња кои не ми прилегаат убаво или во кои не ми е комфорно.
Низ годините сум соработувала со многу стилисти и можеби поради професионалност секогаш сум го почитувала нивниот збор, а за среќа и ми се допаѓале комбинациите што ми ги нуделе (помалку или повеќе).
Но, сега со годините, веќе не би можела да бидам некоја жртва на модните трендови“.
Нега на лицето
„Не е за фалење ама долго време немав никаква рутина, безгрижно се сончав, но многу бев дисциплинирана во поглед на шминката.
Никогаш не одев на спиење без да ја исчистам.
Сега кога веќе имам зрела кожа, одам и на дерматолог, повремено правам третмани за нега.
А, за рутината се обратив кај докторка која ја запознав преку Инстаграм.
Имам дневна и ноќна рутина, која опфаќа хидратација на лицето, пептиди и детално чистење, посебно навечер при отстранување на шминката“.