„Одлучив да родам дете со асистирано оплодување на 39 години без партнер – како се чувствувам?“
„Некогаш сум осамена, но тоа чувство е минливо. Сега имам повеќе пријатели, се чувствувам порелаксирано и сум пресреќна што ќе му дадам живот на моето дете“.
Џени Вилијамс од САД има 39 години и моментално е сингл. Иако обично луѓето чекаат да најдат партнер за да станат родители, Џени одлучила да добие дете со асистирано оплодување без разлика што нема ни момче ни сопруг.
За Insider, таа го споделува нејзиното искуство, откривајќи дека иако на почетокот се плашела и двоумела, сега сфатила дека оваа одлука драстично ѝ го променила животот на подобро.
„Никогаш не сум планирала сама да имам дете. Како и многу луѓе кои сакаат и романса и деца, јас си замислував дека работите ќе се случат по одреден редослед: прво – да најдам партнер, второ – да создадеме семејство.
Наместо тоа, јас имам 39 години, разведена сум и сум во седмиот месец од бременоста со првото дете кое го зачнав со асистирано оплодување.
Ова не е животот за кој сум сонувала. Но, ова е животот за кој сум неизмерно благодарна. Станувањето сингл мајка ме натера да созреам на многу важни начини.
На пример, поотворена сум кон другите луѓе – како интроверт, ова не е мојот природен инстинкт. Порано настојував да избегнувам нови познанства, а изолацијата од пандемијата само го засили ова.
Сега, храбро им се претставувам на моите соседи и си разговарам со непознати луѓе додека чекам ред за кафе. Станав пријателка со биолози, поранешни адвокати, како и мајки кои со задоволство ми помагаат и ме советуваат. Исто така, станав активен член во онлајн групи за жени кои одлучиле да станат соло мајки.
Мојот круг на пријатели е поголем од кога било и сум пресреќна што моето дете ќе порасне во таква околина.
Тоа што немам партнер ми помогна да ја засилам и мојата интуиција. Посвесна сум за моето тело и знам што е добро, а што не. Порелаксирана сум и поотворена за моите потреби, а истовремено сум подготвена за неочекуваните работи.
Постојано се потсетувам и колку сум среќна што имам доволно средства сама да се грижам за детето. Не секој ја има таа среќа. Ова ми помага да продолжам да се движам напред со благодарност и скромност.
На почетокот кога размислував за оваа одлука, се плашев дека ако изберам да станам мајка, ќе се откажам од можноста да најдам вистинска љубов. Но, потоа сфатив дека ако ја сретнам вистинската личност, таа ќе ме сака со сите избори што сум ги направила.
Верувам дека токму јас треба да бидам мајка на детето што го носам бидејќи ќе го родам под мои правила, без да ја чекам љубовта. Сакам моето дете да знае дека е во ред да ги промени правилата кога старите не му одговараат.
Секако, некогаш сум осамена и тажна, но овие чувства се минливи. Она што останува е малото човече што расте во мене, топлината што ја чувствувам кога зборувам за него, восхитот од тоа што јас сум личноста што ќе му подари живот.
Дури и во најмрачните мигови, кога сум сама со бебето и го чувствувам како се движи, знам дека мојата среќа е веќе овде. И, со сите сомнежи, предизвици и радости ќе продолжам да ја чувствувам“.
Спирова С. | Црнобело