Јас сум мрзлива мајка и имам три добри причини за тоа
Всушност, нашите деца имаат многу користи од тоа што сме мрзливи.
Можеби мислите дека ова е шега, но јас сум многу сериозна. Најсериозна. Мрзливите мајки се извонредни мајки, па нема причина да се срамите ако сте и вие една од нив.
Мислите дека пишувам глупости? Размислете малку. Mногу големи пресвртници во човековата историја се случиле баш благодарение на мрзливоста.
На пример, лифтот сигурно не го измислил некој што сакал да оди по скали, туку некој што бил мрзлив. Автомобилот? Па, некако насетувам дека ни тој не е изум на некој што сакал да се грижи за своите коњи и кочијата.
Машината за миење садови, машината за перење облека...сите се дела на паметни, ама мрзливи луѓе, кои посакувале пократок и полесен пат.
Затоа и мрзливите мајки се супер! Бидејќи нашите деца, всушност, имаат многу користи од тоа што сме мрзливи.
Еве три од нив:
Децата на мрзливите мајки се понезависни
Каква врска има тоа, се прашувате? Па, на пример, како моето дете почна самостојно да јаде? Така што имам добра машина за перење алишта, па полесно ми беше (бидејќи сум мрзлива) да го преслечам по ручекот, отколку да го хранам до којзнае кога.
Како научи да ги обува и собува чевлите? Така што не сакав вечно да клечам и јас да го правам тоа наместо него, па му објаснив едно петстотина пати и го пуштив да пробува самиот.
Кога е жеден, а јас работам нешто друго, не му носам вода. Знае каде е чешмата, знае како да ја досегне. Секако дека му додавам чаша вода ако сум во кујната, но не ми паѓа на памет да го подигнам својот задник од каучот за да го послужувам.
Децата на мрзливите мајки се повешти
Подразмислете. Ако постојано трчате по нив додека се мали, големи се шансите дека ќе успеете да ги спречите да се провлекуваат, завлекуваат и искачуваат насекаде.
Мрзливата мајка, која за тоа време седи на клупата и само набљудува што се случува, веројатно нема да успее во тоа. Резултат? Детето е повешто.
Децата на мрзливите мајки повеќе помагаат по дома
Моето дете помага при празнење на машината за садови, полнење на машината за алишта, ставање на чистата облека во плакарот, чистење со правосмукалката, собирање на играчките...
Не затоа што јас сум нешто претерано посветена на тоа од него да направам добар граѓанин, домаќин и работник. Тоа е бидејќи не ми е по волја самата да го работам тоа. Можеби звучи лошо, но тоа е вистината, и немам потреба да ја скривам.
Ете така. Кога следниот пат ќе се почувствувате виновни бидејќи сте направиле нешто што би можело да се опише како мрзливо, размислете малку за сето ова.
М. А. | Црнобело