Убаво ми е во Скопје, но секогаш ќе ми недостасува Кавадарци, какво што е во моите сеќавања
По цела деценија во главниот град, ќе излажам ако кажам дека одвреме-навреме не ми недостасуваат некои работи од Кавадарци…
Има низа причини зошто се преселив од Кавадарци во Скопје за кои не би дискутирала сега.
Но, по цела деценија во главниот град, ќе излажам ако кажам дека одвреме-навреме не ми недостасуваат некои работи од Кавадарци.
Во споредба со Скопје, Кавадарци е многу помал град. Па, главоболките со јавен превоз и сообраќаен метеж се непостоечки.
Не ти треба ни автомобил, ни такси – каде и да ти се оди, тргни пеш, и за пола час си стигнал.
Поради многуте угорници, можеби не е најпогоден за велосипед, но барем ќе бидеш во форма ако пешачиш.
Едно од најубавите нешта во Кавадарци е градскиот парк, како мала шума среде градот.
Одовде, најмногу ми недостасуваат собиранките на „есента“, местенце со 2-3 клупи каде што температурата секогаш е некој степен пониска, дури и во најжешките летни денови.
Ми недостасуваат и еднодневните екскурзии до „Бран’та“ (брана Моклиште) или, пак, „Дванајсте деца“ (местото каде биле стрелани 12-те младинци од Ваташа).
И, ни за ова не ни требаше автомобил – ги вадевме велосипедите од подрум, купувавме грицки „уз пат“ и возевме дотаму.
Кога ќе начекавме некој со автомобил се возевме и до Михајлово кое е волшебно во есен и зима.
За неколкудневни дружби, обично околу Први мај, ги посетувавме околните села, секако, на гости кај нечии баба и дедо или во некоја викендичка.
Но, за тоа во некоја друга пригода.
Ми недостасуваат продавачките во маалската продавница кои знаат сè, па уште кога ќе влезам внатре, знаат и што ќе купам.
Иако, реално, некогаш тоа и ме иритирало, сега сфаќам дека само биле грижливи и услужливи.
Ми недостасува да излезам да шетам доцна навечер, па и сама, бидејќи секогаш се чувствував безбедно.
Да сретнам некое од уличните кучиња (што ги хранат и сакаат буквално сите), па да ми прави друштво некое време, пред да замине да си „брка“ некоја своја работа.