Убаво ми е во Скопје, но секогаш ќе ми недостасува Кавадарци, какво што е во моите сеќавања
Ми недостасува да трчам до „Портокалот“ на „Јаворот“ во никое време, бидејќи ми се грицка нешто, или со мајка ми сме останале без цигари, а ништо друго не работи.
Ми недостасува да излезам за викенд и да потрошам само 500 денари, па ни толку.
А, по излегување да јадам тост од „Мерлин“ или некое печиво од пекарница (тврдо како камен, ама јадеш, бидејќи друг избор и нема).
Ми недостасуваат панаѓурите – во есен и на лето – кои траеја по три дена и каде се продаваше сè и сешто.
Каде што јадевме шеќерна волна и крофни и следниот ден нè болеше стомакот од нив.
Уште не знам дали е мит или вистина, но се зборуваше дека првиот ден е најскапо, а третиот сите ги спуштаат цените. Па, третиот ден беше ден за шопинг на панаѓур – со по една „стотка“ од двете баби.
Ми недостасува и Тиквешкиот гроздобер, онаков каков што беше пред 10 и повеќе години. Со дури два карневала – „детски“ и за возрасни.
Центарот на градот затворен за автомобили, а по улиците распослани маси од локални скараџии и ресторани. И, целиот центар мириса на чад и скара.
А навечер музичка програма со нешто за сечиј вкус – еднаш имаше организирано и журка на Костурницата.
Ми недостасува да излеземе во „Блу“ (што за жал веќе не работи) и да јадеме топено сирење со кригла пиво.
Ми недостасува и да отидам во омилената книжарница каде продавачот (и сопственик) ме третираше како најбитен муштерија. Како да имав личен асистент за купување.
Ми недостасуваат и тетките во бутиците кои секогаш ги имаат најубавите комплименти. Секако, за да ја купиш облеката, ама барем ти го разубавуваат денот.
Во зима, околу Нова година, најмногу ми недостасуваат тезгите на плоштадот. Се продаваа прскалки, сијалички, балони и, секако, новогодишни честитки.
А ние купувавме сè, најмногу честитки за целиот клас – за најдобрите другари од оние со светки или оние што „пеат“.
Светките, пак, си ги лепевме на лицето.
Кога врнеше снег, се санкавме на улицата зад зграда, а оние похрабрите одеа по стрмните удолници на „Голи оток“.
Ако немавме санка при рака, не ни беше проблем да се лизгаме и со големи најлонски вреќи.
На Бадник, а некогаш и на Василица, традиционално одевме да палиме оган, обично кај некој што има поголем двор. Смрзнувавме на минусни температури и едвај гледавме од чадот, но никако не се откажувавме и седевме дури не згасне огнот.
Ми недостасува и мојата „cosy“ соба со зелените ѕидови, полицата натрупана со книги и стоте постери и украси на ѕидот кои си стојат до денес.
Ми недостасува дебелиот мачор кој го чував 9 години и со кој пораснав.
Секогаш му дозволував да спие во мојот кревет, дури и кога се враќаше дома повалкан од кога било, бидејќи си го сакав.
Ми недостасува и папагалот што си го кажуваше името и сакаше да јаде јаболка.
Ми недостасува да одам на пазар со татко ми, да си зборувам со мајка ми до три наутро, да се карам со брат за најбезначајни работи и по 2 минути да заборавиме на караницата.
И сега во Скопје ми е добро, па и подобро од што сум очекувала.
Но, одвреме-навреме носталгично ќе си припомнувам на Кавадарци и на убавите сеќавања што ги чувам од таму.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело