„Намерно се запуштав за да не излезам од дома, Скопје ме гушеше - едвај се извлеков од депресијата“
„Не миев коса со денови за да имам изговор - кај да одам со мрсна коса? Ноктите ги оставав излупени, па кога некој ќе ми речеше да одиме на кафе, си ги погледнував дланките и си викав 'Не можам да излезам со вакви нокти, срамота е'. Свесно се запуштав за да не гледам луѓе...“
Приказната што ќе ја прочитате не е моја, туку на блиска другарка која помина низ „пекол“, но потоа, кога работите си дојдоа на место, наместо да се радува - западна во депресија...
Со Ели се знаеме од деца. Сестра ѝ Оливера ми беше најдобра другарка во основно, седевме заедно во клупа, а живеевме зграда спроти зграда.
Па, поради Оливера, со Ели поминувавме часови и часови во дружење.
Таа е 4 години постара од нас, па во тинејџерските години, освен на Оливера, и мене ми беше пример за тоа како треба да изгледа и да се однесува една девојка (бидејќи имам помала сестра, учев од Ели за многу работи).
Брзо откако јас и Оливера се завршивме средно, Ели се омажи и се отсели од маалото.
Со текот на годините средбите ни стануваа сè поретки, ама со Фејсбук и Инстаграм постојано бевме во некој виртуелен контакт - знаев каде патува, колку пораснала ќерка ѝ, а и таа знаеше многу работи за мене.
Но, во еден период забележав дека ја нема баш долго. Не објавуваше ништо - ни песни ни слики, не лајкуваше фотки, едноставно - ја снема.
И тоа траеше неколку месеци, додека еден ден, па баш во овој некој новогодишен период, повторно „се врати“ на социјалните мрежи.
Во тоа време некако и Оливера дојде во Скопје (се исели од Македонија брзо откако дипломиравме), па се договоривме трите да излеземе на кафе некаде низ маало, како во старите времиња.
Кога дојдоа, Ели имаше насмевка од уво до уво, беше расположена, забавна, раскажуваше анегдоти од минатото на кои многу се смеевме.
Но, по некое време, расположението ѝ се смени. Ликот ѝ стана безличен, а таа отсутно почна да гледа во една точка.
„Добра си? Приметувам те нема ни на Фејсбук. Ми фалат песните што ги објавуваше ноќе, ха, ха, следниот ден голем дел од нив си ги пуштав, зашто сум ги заборавила...“ - ѝ велам насмеана.
Не очекував дека ќе ми каже дека е во депресија и дека едвај се натерала да излезе со нас.
„Да не беше Оливера, немаше да мрднам од дома. А сакам да поминам колку што можам повеќе време со неа пред да си оди.
Види, мислам дека не знаеш дека маж ми имаше тешка сообраќајка пред околу 4-5 месеци. Со моторот се излизгал на камења на обиколница и беше многу лошо.
Мислевме дека нема да преживее, дека ќе му ја ампутираат едната нога, или неколку прсти. Со денови бевме во агонија, но за среќа, сега е добар.
Поминавме низ неколку операции, сега оди на физикална, учеше пак да се движи од лежењето му се забавија рефлексите.
Страшно беше. Не знаеш што сè поминав, каде сè не бев. Тој си дојде дома, сè беше океј, ама во еден момент... не знам... изгледа сè што чував во себе, пукна.
Скопје ми стана претесно. Престанав да одам на работа. Ми сметаа луѓето, па зедов неплатен одмор. Не сакав да си го гледам ни детето. Само лежев во темно.
Ќе се јавеше мајка ми - ја лажев дека чистам, а немав пуштено ни правосмукалка, ни машина за перење алишта... живеевме во кочина.
Знаеш дека излегував цело време со другарките, сега не сакав да ги видам.
Не миев коса со денови, за да имам изговор да ги одбијам за излегување - кај да одам со мрсна коса?
Ноктите ги оставав излупени, па кога некој ќе ми речеше да одиме на кафе, си ги погледнував дланките и си викав - не можам да излезам со вакви нокти, срамота е. Свесно се запуштав за да не гледам луѓе.
Ќерка ми ѝ кажала на мајка ми што ми се случува, па таа едвај ме натера да отидеме на психијатар.
Разговарав со жената, ме ислуша, многу беше фина и ми кажа дека се соочувам со депресија, а како резултат на шокот низ којшто поминав.
Ми даде лекови, ме контролираше како ги пијам. Ми ја зголемуваше дозата, а еве сега ми ја намалува полека...
Не е страшно како што беше, има денови кога јас се јавувам кај моиве да излеземе или ако ми речат да одиме на пијачка ја мијам косата наместо да ја користам како изговор да останам дома.
Има и денови кога пак не ми се шета, ама ете, се трудам“, ми раскажа.
По ова, многу работи ми станаа појасни, барем во однос на неа.
Па во следните месеци кога ќе видев дека е „исчезната“, знаев дека пак поминува низ нешто.
За среќа, поминати се неколку години без таков период.
Повремено ќе си пишеме, ќе се чуеме, ќе си лајкнеме по некоја фотка, а нејзината „ноќна плејлиста“, ми е музика во текот на денот (зашто имаме сличен вкус).
И секогаш е средена, насмеана, веќе не се крие зад измислените фрази и не бега од пријателите. А ни Скопје не ја „гуши“.
Не сакам да паметувам, но, ако имате некој близок кого го препознавте во мојата Ели, понудете му помош.
Борбата мора да ја води сам/а, ама полесно е кога ќе знае дека има карпа покрај себе на која може да се потпре.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: freepik.com