Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријателство?
„Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да имам чувство дека имаме супер нов член во друштвото, јас имав чувство дека веќе немам другарка заради нејзиниот нов дечко. Љубоморна? Да, глупаво е да кажам дека не бев. Дека не сум и понатаму“.
Скоро 15 години јас и мојата најдобра другарка сме неразделни. Заедно излегуваме на кафиња, одиме на одмори, планираме патувања, па родендени, кино, спортски натпревари, викенди...
Има денови кога уште фали да преспиеме една кај друга. Барем имаше. Ама, веќе не е така.
Мојата другарка скоро два месеца е во врска. За нејзиниот партнер знам (скоро) од моментот кога почнаа да се допишуваат, па првиот состанок, па дилемата дали да излезе пак со него, дали е време по многу авантури и долга пропадната врска, да му даде шанса на некој нов.
И искрено мислам дека од првиот момент ѝ бев поддршка, тивок глас кој ѝ велеше дека треба да излезе пак со него.
Ме послуша, па отиде и надвор од својата комфорна зона, неколкупати за викенд стануваше рано за да се види со него на појадок или утринско кафе.
Гледав дека работите им одат добро, дека понекогаш ѝ недостасува ако не ѝ пише. И бев среќна за неа.
Само, не знам кога во овие два месеца работите почнаа да одат надолу меѓу нас две.
Претпоставувам уште пред да тргнеме на летување - таа, јас и уште една заедничка другарка. Во тие 10 дена на море, колку и да имаше убави моменти, имаше и неубави.
Пред некој ден ги гледав сликите и ми се чини дека на ниедна од нив не сме насмеани и среќни - уште еден доказ дека ни тогаш не сме „биле океј“.
Скоро 10 дена се чувствуваше некоја напнатост меѓу трите, повремени пецкања и препукувања, секој некако влечеше на своја страна, имаше долги минути на непријатна тишина меѓу нас.
Ова и не е нешто ново, секогаш имало по некоја ситуација на заедничките летувања кога некоја ќе се скарала со другата, но брзо потоа сме заборавале на глупостите меѓу нас. Овој пат кавгите беа поинакви, потензични.
Кога се вративме ѝ кажав дека ми треба малку простор, некој ден да си го изладам мозокот од сè и дека ќе се видиме наскоро.
По 4-5 дена, период во кој ќе си испратевме по некоја кратка порака или меме, веќе пиевме кафе и на прва личеше како ништо да не се случило. Сè беше добро. Или, барем мислев така.
Во следните неколку дена, комуникацијата пак се сведе на по некоја „службена“ порака. Цело време беше некаде со дечко ѝ, на кафе, пијалак, во парк, на прошетка...
Сите оние работи кои ги правевме заедно, таа сега ги правеше со него и ниту еднаш во следните неколку дена не рече: „Ајде на шопинг“ или „Ќе правиш кафе“, ниту „Мислам дека треба да го запознеш дечко ми“.
Добро, за ова последното сум најверојатно јас крива, зашто кога ми рече дека има чувство дека не сака да го запознаам, ѝ кажав дека не треба да брзаме и ќе го запознаам со време.
Ама, во тие неколку дена, додека уживаа сами, уживале и со други, наши не толку блиски пријатели, па го запознала новиот дечко со сите, освен со мене.
Не ми беше во ред, ама молчев додека не стигна групна порака на Вибер: „Ќе одите вечер на концерт?“ - концерт на кој со недели зборувавме дека ќе одиме заедно.
„Не знаев дека сме веќе поделени на ‘ние’ и ‘вие’. Мислам дека прашањето требаше да гласи ќе одиМе ли на концерт, ама не, јас нема да одам, а вие уживајте“ - ѝ одговорив.
Ова само ја подгреа ситуацијата. Неубави коментари, меѓусебни обвинувања, кој што направил или не направил.
И повторно молк од моја страна, зашто, едноставно не сакав да одам за да ѝ го направам меракот, иако кажа дека дечко ѝ нема да оди.
Во мојата глава одѕвонуваше: „Ахааа, не оди тој, па сега ѝ треба друштво, инаку немаше ни да пише“. И ѝ го кажав тоа, за да ја повредам.
А всушност, се повредував самата. Затоа што во тој момент решив да го прекинам секој контакт и да фрлам 15 години во вода.
Два дена подоцна, отидов кај неа на гости, да гледаме филм и да пиеме кафе. Сакав да си кажам што имам да кажам и да ги расчистиме работите. Филмот го изгледавме раат, а потоа ја начнав темата за дечко ѝ.
Таа тврдеше дека јас сум барала „простор“ и да се оладам, а и не ѝ беше мило што ѝ реков да не брзаме со запознавањето со дечко ѝ.
„Стојам позади сè што напишав. Да, реков ми треба време, ама ти се јавив, се видовме. Претпоставувам требаше да знаеш дека ми поминало. Или требаше да ти кажам.
И да, можам да судам по една недела дека се претвораш во Марија, Сања, Ирена, секоја другарка што ја имав низ годините, која кога ќе фатеше дечко ја снемуваше, а кога ќе раскинеа сакаше да се дружиме. Премногу пати поминав низ истото за да мислам дека работите се поинакви.
Правиш работи со него што порано ги правевме ние заедно, а ниеднаш не рече да се видиме ние. Она: секогаш ќе имам време и за пријателите и за дечкото не е вистина, ти избра да имаш време само за дечкото“, зборував и плачев.
Да, плачев, пошто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да имам чувство дека имаме супер додаток во друштвото, јас имав чувство дека веќе немам другарка.
Љубоморна? Да, глупаво е да кажам дека не бев. Дека не сум и понатаму.
Но не поради тоа што има дечко, туку поради тоа што работите веќе никогаш нема да бидат исти меѓу нас.
Чашата ми ја прелеа фактот кога дознав дека очигледно сите со кои се дружиме, блиски и подалечни, го запознале во тие неколку дена.
„Да, ти рече дека не сакаш да се запознаете“, беше нејзината реакција.
Станав, си ги собрав работите, и излетав од нејзината соба. Застанав на нејзината врата, па тивко реков:
„Криво ми е што од овој момент веќе немам најдобра другарка. Фрливме 15 години во вода“.
Сакаше да ме гушне, да ме запре, ама избегав во лифтот и почнав да плачам пак.
На Инстаграм ја ставив на mute, ги избришав сите пораки, сите групи во кои сме заедно на Вибер се затворени, зашто не сакам да ги читам пораките. Се тргнав и од неа и од сите.
Неколку дена пишуваше по некоја кратка порака, праќаше по некој reel, кој некогаш ќе го отворев, некогаш ќе го избришев. Се труди да се однесува како да не се случило, ама не сакам да попуштам.
Не преземам иницијатива за гледање, за разговор, а знам дека нема да може да бегам засекогаш. Ама, се лутам што не сфаќа колку сум повредена, или што се прави дека ништо не е сменето.
Свесно решив да не ја прашувам за работите кои ѝ беа планирани периодов, а ѝ се важни. Се правам дека не ме интересира, ама си велам дека е така подобро.
Вчера испрати порака да одиме некаде на сендвичи со дечко ѝ, ѝ кажав дека не сакам.
Денес порака нема.
Сигурно по некоја недела ќе се каам за реакциите, но во моментов егото не ми дозволува да попуштам. Сакам да се исплачам и да глумам жртва, иако не сум.
Ама, полека оставам зад себе убави 15 години. Во мојата глава - тоа мора да е така.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело