„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето
Имаме и овде убавини: Охрид, Струга, Преспа, Дојран, планини, селца... Не дека не ми се оди на море, ама со минимална плата, огромна инфлација, две деца и без помош од никого - толку се може.
Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да коментирам на таа тема.
Немам ништо против оние што одат на егзотични дестинации, ниту пак ги обвинувам, туку им се восхитувам и им честитам: „Браво – си можат си одат...“
Јас годинава, слично како и минатите години ќе си останам во границите на нашава државичка. Имаме и овде убавини: Охрид, Струга, Преспа, Дојран, планини, селца...
Не дека не ми се оди на море, ама со минимална плата, огромна инфлација, две деца и без помош од никого - толку се може.
И мене тоа ми е сосема доволно. Си ги пуштам нозете колку што ми е чергичката и не се опседнувам дека мора да живеам совршен Инстаграм живот и да имам најубави фотки на социјалните мрежи.
Не размислувам дека за 10 дена одмор од соништата треба цела година да плаќам кредити, затоа што со деца илузија е да си помислиш дека можеш да поминеш евтино...
Ај јас и сопругот некако ќе се стиснеме, ама со деца тоа не е едноставно.
Лежалка, чадор, па сладолед, па сокче... Па децата до нас си купиле нова кофичка, ајде и ние да си купиме. Па дошла вечерта, се знае, треба да се излезе и пак треба да се купи нешто. На одмор сме нели.
Не дај Боже некој да се разболи, а децата се разболуваат лесно – нели?
Ситница по ситница, паричките си летаат како водичка, а дома се враќаш со празен паричник, без идеја како ќе го поминеш летото до крај, а потоа доаѓа и септември... Нова облека, нова чанта за во училиште, зимница, огрев...
Им завидувам на луѓето што можат да речат: „Па што биде - нека биде, ќе се снајдеме“, но ете јас не сум од тие.
Јас сум од оние што напорно работат во текот на цела година и успеваат од таа плата да покријат сметки, кредити, купуваат облека за децата, одржуваат автомобил стар 20 години и се молат да не се расипе, и живеат од 1-во до 5-ти, а во останатите денови од месецот преживуваат.
Заштеда за одмор со нашиот домашен буџет е мисловна именка, особено во последните неколку месеци кога сè поскапе, а платите си останаа исти.
И да, Дојран ми е како Малдиви.
Само го чекам денот кога со децата ќе можам макар и на еден ден да отидам на плажа, да си играм во песокот, да градам замоци, и да пливам... А, на децата не им е важно дали тој песок е покрај кристално чистите води на Егејското или Јонското Море или е покрај езерцето во Дојран.
Детето е среќно кога може со рачињата да си копа, да си ги полни кофичките и да си ужива.
Тоа е среќно кога може да си фрла камчиња или да си ужива во сладолед на плажа и воопшто не му е важно дали на фотката на Инстаграм ќе држи сладолед на стапче од 30 денари, парче лубеница или, пак, корнет од 200 денари.
Нему не му е важно дали ќе престојува во хотелска соба од 50 евра за вечер или во соба од 20 евра.
И зошто ви го пишувам сето ова? Па да ве вратам барем на миг во реалноста и да ве потсетам дека немаме сите еднакви можности и не сме сите исти...
Не можеме сите да си дозволиме да одиме на море и да фрлиме илјадници евра за 10 дена, ниту пак да се ставиме во дополнителни долгови. Секој од нас има сопствена приказна – некој од родителите наследил богатство, а друг долгови...
Некој наследил фотелја, а друг нива.
А, не ни е сеедно кога ќе ги слушнеме коментарите од оние што сакаат да ни држат предавања дека за само неколку километри повеќе можеш да одиш на море.
„Леле, ќе одиш во Дојран?“ „Златно море, во Дојран ќе одиш да те изедат комарците и змиите“, „Дури одам во Охрид, ќе одам во Грција, исти пари ќе потрошам“...
Смачено ми е од коментарите на луѓето кои бездушно се сметаат за должни некому да му ја прават сметката и да му солат памет, небаре тие потоа ќе дојдат и да ти ги платат долговите.
Ми се гади од бездушноста на луѓето што сметаат дека се најдобри и поважни од другите само затоа што секое лето можат да одат во Грција, a ги омаловажуваат оние што ги немаат истите можности.
Секој има право да оди таму кај што сака. Секој има право да се слика таму кај што сака...
А никој нема право некого да понижува затоа што нема можност да се сонча на Маврициус или на Занзибар, да ја преминува границата по трипати во годината за да „скокне до Грција“ или да ги однесе децата во ресорт во Анталија.
За крај, како што реков, секој од нас си ги пушта нозете колку што му е чергичката, а јас не сакам ниту да помислам дека можам да се сметам еднаква со луѓето на кои чергата му е по неколку илјадници километри, а мојата секој месец морам да ја притискам со нозете за да не ми се измолкне од под мене.
На крај, кога ќе помислам дека некои луѓе цело лето треба да работат тутун и да пливаат и да се сончаат на овој пекол во „зеленото море“ за да го наберат, па да го наредат и да го нанижат без да можат ниту да помислат дека ќе одат на одмор, си велам:
„Добро е што барем и до Дојран можам да отидам!“
Не размислувам за тоа што го немам – туку за тоа што го имам! Имам здрави деца, среќен брак и секојдневие без главоболки – а тоа ми е сосема доволно.
Еден ден можеби моите деца ќе можат да одат на море.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com