Едвај чекам да ѝ кажам збогум за најлошата година во мојот живот
2024-та, барем за мене, се покажа како една од најнеубавите години во животот. И искрено, едвај чекам во вторник, да застанам во мојот дом во Скопје, па со чаша бело вино да наздравам што си оди и да си посакам поубави 365 дена...
Неколку дена пред дочекот на Новата 2025 година, не можам од главата да ги исфрлам мислите и работите што ме преокупираа во изминативе 12 месеци.
Ама не оние малку убави работи што ми се случија, туку тажните, болните, неубавите, кои многу би сакала да ги заборавам засекогаш (иако знам дека е невозможно).
Годината ја дочекав во домот на мојата (сега веќе поранешна) најдобра другарка.
По 14 години дружење, на овој 31 декември првпат нема да славиме заедно. Не разговараме, се оддалечивме, си кажавме работи преку кои не можеме да преминеме ни таа ни јас и одиме понатаму во животот.
А самиот дочек ветуваше убава година - си поминавме одлично, мезевме руска и кифлички, пиевме мимози, пеевме на цел глас, горевме прскалки и ги пцуевме оние што фрлаа петарди без престан.
Годината ја дочекавме во нејзиниот нов стан во центарот на Скопје - уште еден повод за славење...
Но, како што одминуваа месеците, така работите почнаа да одат „удолу“.
Зошто чекам да си замине оваа неубава година?
Во јануари прекина мојата убава (нова) љубовна приказна зашто тој се отсели од Македонија
Иако си пишуваме, не сме се виделе скоро цела година, а пораките се сè поретки. И одамна, некако немаат смисла.
Во февруари ми се растури пријателството со двајца поранешни колеги од работа
Всушност, јас и понатаму се дружам и со едниот и со другиот, но тие се скараа и веќе не излегуваме сите заедно, ниту пак едниот сака да се спомне името на другиот кога ќе се видиме.
Во мај почна да се лади пријателството меѓу мене и двете најдобри другарки
Едната полека почна да се повлекува и да се дружиме помалку.
Во јуни почина шарпланинката што ја чувавме 8 години
Немаше кој да ни помогне, па сестра ми и јас сами ја погребавме.
Мислам дека дури откако зеде нов шарпланинец за чување малку се смири.
Во јуни веќе почна да „умира“ пријателството со најдобрата другарка
Од секојдневни дружби, почнавме да се гледаме еднаш на две недели, престанавме да се слушаме за сè и сешто, ама теравме некако, држејќи се на минатото...
Во септември внука ми се соочи со огромен стрес на училиште - прва година средно, нови луѓе, професори, притисоци
На моменти имав чувство дека буквално ќе полуди, колку многу плачеше, не сакаше да јаде, да комуницира.
Нејзиниот стрес беше голем притисок за целото семејство, секој се трудеше да ѝ помогне, но таа одбиваше секаква помош.
За среќа, после месец и пол, после првите испрашувања и тестови, самата сфати дека непотребно се нервирала и се врати во нормала.
Здивнавме, но тоа беше баш мачен период за сите.
Во ноември пријателството со најдобрата другарка „умре“
Како намерно да си кажувавме работи за да се повредиме една со друга. И не биравме зборови.
Да, ужасно за возрасни луѓе, но работите излегоа од контрола и веќе нема (а и не сакам) назад.
Ова ми беше и година на пропуштени патувања, откажани планови, неостварени средби...
И додека едвај чекам да ја испратам, да наздравам со бело вино што си оди и да си посакам никогаш да не се повтори, само ќе си речам:
„Барем сите блиски ми се живи и здрави. Од јануари ќе биде подобро. Мора да биде!“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело