До бабите и дедото што откажуваат планови и ни го чуваат детето како свое – ви благодарам
Писмо до нашите родители - до бабите кои скришно ги откажуваат закажаните планови кога ќе ги прашаме „слободни ли сте?, до бабите и дедото кои бдеат со нас над нашето дете и до еден дедо кој не е помеѓу нас, но знаеме дека нè чува од горе.
фото: приватна архива
До бабите кои ми помагаа во деновите по породувањето и ми велеа – легни, поспиј, тука сме, ја чуваме – ви благодарам.
До бабите кои го думкаат нашето дете за да заспие, додека ние одмараме – ви благодарам.
До бабите и дедото кои одново учеа заборавени работи од времето кога ние сме биле бебиња, но успешно се снаоѓаат во својата улога на втори родители – ви благодарам.
До бабите кои скришно ги откажуваат закажаните планови кога ќе ги прашаме „слободни ли сте?“, само за да дојдат и да го чуваат нашето дете, а ние да излеземе – ви благодарам.
До бабите и дедото што бдееја цела ноќ над нашето дете заедно со нас, кога една непријатна ситуација ни го скрати животот, но за среќа заврши добро – ви благодарам.
До бабите и дедото што ѝ даваат безрезервна љубов на нашата ќерка и времето со неа го поминуваат во забава, смеа, но и учење нови работи – ви благодарам.
До бабите и дедото што секогаш сакаат да дадат залче плус, но сепак ги почитуваат нашите принципи на одгледување – ви благодарам.
До бабите и дедото што ни се ветер во грб и најголема поддршка во нашата одговорна улога на родители – ви благодарам.
До бабите и дедото што се спремни да одат до крајот на светот за да ѝ удоволат на нашата ќерка – ви благодарам.
И до еден дедо што не е помеѓу нас и никогаш не го запозна своето прво внуче, но знам дека нè чува од горе и се гордее – те сакаме.
Не знам дали некогаш ќе можеме да се оддолжиме, но никогаш не би било исто без вас.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
М. M. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





