6 работи кои НЕ треба да му ги кажете на родител кој го загубил своето дете
„Сè се случува со причина“ – ова е најизлишната фраза што можете да ја искористите додека пробувате да утешите родител кој го изгубил своето дете.
Додека постои збор за дете кое е останало без родители, нема збор за родител кој го изгубил своето дете.
Велат, ова е бидејќи никој родител не треба да ја види смртта на своите деца и ова е најлошото нешто што може да му се случи.
За жал, реалноста не е секогаш „розова“ и многу родители остануваат без своите најмили.
А, кога се соочуваат со оваа болка, особено е важен нашиот пристап.
Некогаш, сакајќи да помогнеме, можеме да кажеме некои работи кои не само што не помагаат, туку и ја влошуваат ситуацијата.
Затоа, погледнете што никогаш не треба да му кажете на родител кој го загубил своето дете:
„Времето лекува сè“
Дури и ако времето навистина лекува сè, со оваа изјава воопшто нема да утешите родител кој тагува по своето дете.
Тој родител никогаш нема да ја преболи загубата на детето и по некое време можеби ќе научи да живее со болката, но никогаш нема да биде „излечен“ од неа.
Наместо ова, прашајте како можете да помогнете, дајте му до знаење дека сте тука за него.
Понудете и практична помош, како да му направите јадење.
„Треба да преболиш/заборавиш“
Со ова вие му кажувате на родителот дека предолго тагува за своето дете и време е да го заборави.
И, јасно е дека оваа и сличните фрази можат само да му ја влошат состојбата.
Сеќавањата се единственото нешто што му останало на родителот од детето што го загубил и не е воопшто во ред да му викате да заборави.
Наместо тоа, подобро разговарајте за детето – ако сака да ви ги сподели омилените сеќавања, да му помогнете да се присети на убавите мигови.
„Имај верба“
Дури и ако родителот е религиозна личност, вербата во Бог нема да му го врати детето.
Родителот можеби веќе верува дека неговиот Бог ќе му помогне, но нема потреба вие да го потсетувате.
Не заборавајте дека тој се соочува со најголемата болка што може да ја искуси.
„Сè се случува со причина“
Ова е најизлишното нешто што можете да го кажете.
Не пробувајте да го утешите родителот со ваква празна изјава бидејќи сигурно ќе го разгневите и ќе направите да се чувствува уште полошо.
Децата никогаш не треба да умрат пред нивните родители и тврдењето дека има причина за оваа трагедија не е од никаква помош.
Наместо тоа, кажете му на родителот дека животот бил нефер кон него, дека ништо не оправдува нешто толку страшно како смртта на дете.
Покажете дека и вие сте гневни што тој мора да ја трпи оваа болка.
„Барем…“
Секоја реченица што почнува со „барем“ – „Барем не страдаше“, „Барем имаше среќно детство“ и слично – не е од никаква помош.
Можеби мислите дека нудите некаква утеха, помагате да согледа некое добро во целата ситуација, но родителот нема да мисли така.
За него нема ниту едно добро во целата трагедија и тој само мисли на тоа дека засекогаш го изгубил своето дете.
„Биди благодарен/на што…“
И речениците кои почнуваат со „биди благодарен“ треба да ги избегнувате.
„Биди благодарен/на што можеш да имаш уште деца, што го имаше детето во животот…“
Сето ова се фрази што само ќе предизвикаат гнев.
Родителот може да има уште 10 деца, но никој и ништо нема да го замени изгубеното.
Пред да му речете на родителот да биде благодарен за другите свои деца, запрашајте се дали вие би можеле да живеете без едно од вашите, ако самите сте родител.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





