Најчестите грешки што ги прават туристите во Рим, според локалец
Користат такси наместо јавен превоз и јадат во (прескапи) ресторани покрај популарните знаменитости – кои се другите грешки што ги прават скоро сите туристи кога го посетуваат Рим, според локалец?
Асија Лондон Паломба е од Рим, а вели дека низ годините, забележала некои грешки што ги повторуваат сите туристи.
Со овие грешки, туристите сами си го расипуваат патувањето, а неретко и плаќаат повеќе пари за одредени услуги отколу што треба.
Најчестите туристички грешки според Асија:
Користат такси
Асија смета дека Рим е град за пешачење, па нема потреба често да се користи такси.
Покрај тоа, таксистите обично ги лажат туристите – неколку таксисти нејзе лично ѝ кажале дека ги возат туристите по подолга рута за да можат да им наплатат повеќе.
Истовремно, ако постојано користите такси, ќе испуштите многу знаменитости.
Дури и Асија која живее во Рим вели дека со секоја прошетка низ градот, открива нешто ново и забавно.
Не го користат јавниот превоз
За подолги дестинации, Асија препорачува да се користи јавен превоз.
Во Рим има три метро линии, над 300 автобуски линии и шест трамваи.
Билетите чинат 1,50 евра за 100 минути неограничено возење и можат да се купат на киосци на метро станиците, како и во мали продавници за цигари и поштенски марки.
Асија истакнува секогаш да го валидирате билетот во автобусот или трамвајот бидејќи лесно можете да бидете казнети.
Купуваат флаширана вода
Во Рим има околу 2.500 фонтани со вода која е безбедна за пиење.
Поради ова, нема потреба да купувате флаширана вода – само понесете шише и полнете го од фонтаните.
Не го почитуваат кодексот за облекување во црквите
Црквите во Рим се едни од најпопуларните атракции, но туристите неретко забораваат дека тие сепак се религиски храмови кои треба да се почитуваат.
Во повеќето цркви, кодексот за облекување налага покривање на рамениците и забранува здолништа и фустани кои ги откриваат колената.
Исто така, знак на почит е да се извади капата или шеширот кога се влегува во црква.
Овие правила се најстроги во Ватикан, но се спроведуваат и во другите цркви низ Рим.
Асија вели дека туристите неретко ги игнорираат, па многу од нив биле дури и избркани од црквите.
Ги посетуваат само најпознатите атракции
Колосеумот, базиликата Свети Петар и музејот во Ватикан се едни од најпопуларните атракции во Рим.
Иако дефинитивно треба да ги видите нив, Асија советува да истражите и за помалку познатите.
Нејзините омилени атракции во Рим се бањите на Диоклецијан и Трајановиот базар кој е древен трговски центар за кој се верува дека е првиот шопинг-центар на затворено.
Таа советува да ја видите и црквата Сант Игнацијо ди Лојола која е отворена во 1722 година.