„Го испив највкусното турско кафе во манастирот Св. Никола Шишевски, а чичко Зоран ми раскажа за 32-те години минати таму“
Обожавам таму да го пијам турското кафе направено од вредните раце на домаќинот на манастирот чичко Зоран и да уживам во спектакуларниот поглед на Матка, како и во неговите приказни. Верувале или не, сам на грб од неговото родно село Шишево има донесено 5 шпорети и 5 фрижидери до манастирот, раздалеченоста е 4 ипол километри.
Ги обожавам македонските манастири, некако сите ми се направени на најубавите места со најраскошна природа, а и зрачат со посебна енергија. Таму како да можеме да си ги чуеме мислите и да се сетиме што е вистински важно во животот.
Веќе ви раскажав за манастирот во Кожле и за Стојановиот мост, но сега ќе ви раскажам за мојот омилен манастир во околината на Скопје. За жал, денот за посета не ми се погоди сончев, но со сонце местото е уште поубаво.
Станува збор за манастирот Свети Никола Шишевски, каде кога ќе појдете еднаш ви ветувам дека ќе се враќате одново и одново. Од 700 години стариот манастир, летниковците и зеленилото околу него до спектакуларниот поглед на Матка, таму сѐ е магично.
Кога ќе се паркирате на паркингот кај Матка, ја минувате реката Треска преку мостот на кој ве пречекува фамозната метална скулптура и потоа наидувате на знак дека треба да продолжите десно за манастирот.
Сѐ е добро обележано, плус еден е патот и нема шанси да направите грешка. До манастирот со нормално темпо, без форсирање, ќе стигнете за 40 минути.
Патот не е тежок, но има некои карпести предели со нагорнини на кои треба да бидете внимателни.
Низ убава природа е и на места со прекрасен поглед на реката Треска и на карпестите предели на Матка.
Кога ќе пристигнете во манастирот ќе ве пречека убава дрвена порта, искосена трева, средени летниковци и најљубезниот домаќин чичко Зоран.
Традиционално тука си пијам турско кафе, направено од неговите вредни раце, кое чини само 30 денари и тие пари одат токму за одржување на манастирскиот комплекс. За боемите чичко Зоран нуди и ракиичка.
Си седнувам на мојот омилен летниковец и со највкусното турско кафе, можеби поради локацијата така го доживувам не знам, уживам во еден од најубавите погледи кои нашата Македонија ги нуди.
Спој на смарагдно зелена вода, карпи, бротчиња кои мирно си пловат долу на Матка кон пештерата, погледот е нешто кое не се опишува со зборови.