„Бев во прекрасното село Кожле и чичко Стојан ми ја раскажа приказната за авантуристичкиот Стојанов мост“
На само педесетина метри од имотот е авантуристичкиот Стојанов мост до кој лесно се доаѓа.
Величествено лебди над реката Пчиња и дава чувство како да сте во некоја џунгла, каде авантурата чека на вас.
Јас уште првиот пат го поминав без проблем со радост за адреналинот кога тој се лула над реката, но некои луѓе долго стоеја пред него барајќи ја во себе храброста да се осмелат да го поминат.
Чичко Стојан е за секоја пофалба, ставил дури и табла со предупредување да не се движат повеќе од тројца луѓе наеднаш на мостот и да нема скокање по него, како што правеле некои групи на разулавени тинејџери пред тоа.
И овој април глетката беше прекрасна, но зеленилото не беше во полн сјај како лани кога го посетив на почетокот од есента.
Почеток на есен
Сепак, за кратко време верувам дека природата ќе го покаже своето најубаво лице. Иако мостот е уникатна приказна во секоја годишна доба.
На враќање низ селото Кожле ме дочека уште поубава глетка. Стадо овци кое си пасеше од зеленилото под надзор на својот „чувар“ и под контрола на еден весел овчар.
Мислев денот не може да ми заврши поубаво кога само што тргнавме со автомобилот видовме мали јагниња. Подзастанавме, а човекот кој си седеше под ладовината во својот двор и на кој му припаѓаа јагнињата ни кажа дека се штотуку родени, пред само еден час.
Штотуку родени јагниња
Глетката беше неверојатна, полни очи, полно срце.
Да одите во Кожле, од срце ви препорачувам!“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело / фото/видео: Ивана Кушлиќ