„Го испив највкусното турско кафе во манастирот Св. Никола Шишевски, а чичко Зоран ми раскажа за 32-те години минати таму“
Често преноќувам на манастирот, а за празници доаѓаат и моите најблиски. Летно време, кога не се оди на работа во училиштето, тука си седам и по цел месец.
Имаме и конаци за кој сака да преспие. Имаме 16 кревети. Не наплаќам ништо за ноќевање, туку кој колку сака може да остави за здравје. Најмногу странски туристи доаѓаат од Чешка, потоа Полска, а неодамна беше и група од десетина луѓе од Франција.
Често нѐ посетуваат и луѓе кои се вљубеници на качувањето по карпа, тука имаме совршени услови за тоа.
Само не знам зошто посетителите понекогаш кршат и го оштетуваат имотот. Пред извесен период имаше тепачка, па поставив и камери за такви немили ситуации.
На манастирот во текот на сите овие години не сум бил само два викенда кога го правев кровот на мојата куќа во Шишево, инаку постојано доаѓам.
И тогаш во село им реков на луѓето „Еве ви ги клучевите и одете горе, проверете како е ситуацијата“, но никој од моите соселани не сакаше да се качи, едноставно не се заинтересирани.
Викенди на манастирот има многу посетители од кои некои се редовни со години. Сѐ што е изградено тука и летниковци и клупи и сѐ е од парите кои ги заработувам послужувајќи кафе и ракија на посетителите на манастирот.
Во моето родно село Шишево, каде и живеам, ме прават дека сум будала кога гледаат како сѐ сам носам на грб. Од Шишево до тука имам 4 ипол километри и во една пригода квадрат ипол плочки ги носев саат време, а рекорд ми е шпоретот кој преку брана го донесов за 28 минути.
Носам од греди, цемент и плочки до фрижидери и шпорети. На грб сам по патеката пешки имам донесено 5 фрижидери и 5 шпорети.
Додека сум јас тука сѐ ќе биде во ред, но знам дека после мене сѐ ќе пропадне затоа што никој ништо не помага. Секоја година има финансии за реставрација за црквите, но нема ништо за манастирот Свети Никола Шишевски, кој е 700 години стар и жално е да се запушти и упропасти.
Планирам кровот лично сам да го обновам, колку можам ќе работам. Кога имаше снег зимава цел кров течеше, се оштетуваат фреските, затоа решив дека мора да го средам.
Го сакам овој манастир и сакам што повеќе идни генерации да можат да уживаат во неговата убавина. Не ми е тешко да работам, ќе сторам сѐ што е во моја моќ за да го одржам“, ја завршува својата убава приказна чичко Зоран.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело / фото: Ивана Кушлиќ