Јовица од Скопје за божиќниот маркет во Виена: „Мириса на цимет и греено вино, личи на бајка од Дизни“
„Бев на повеќе божиќни маркети во градот, но најсилен впечаток ми остави Rathausplatz, кој се наоѓа веднаш до големо лизгалиште. Таму, на декорираните тезги се продаваат рачно изработени украси, колачиња со вкус на цимет и марципан и фамозното греено вино glühwein“, вели Јовица од Скопје кој неколкупати ја посетил Виена во време на празниците и топло ја препорачува.
Јовица Крстевски од Скопје неколкупати бил во Виена за време на божиќниот маркет. Вели, крајот на ноември и цел декември се најволшебното време да се види градот и да се доживее празничната атмосфера, бидејќи во овој период Виена делува како да е излезена од некоја од бајките на Дизни.
Иако последен пат ја посетил Виена во 2022 година, вели и сега би одел пак, бидејќи чувството е секогаш различно, а сепак прекрасно.
За CRNOBELO.com, Јовица ни раскажа за своето доживување и ни откри зошто би се вратил во главниот град на Австрија, токму во време на новогодишните и божикните празници:
„Виена е еден од оние градови на кои секогаш им се враќам, особено во декември кога е обвиен во магична атмосфера, како од стар, добропознат анимиран филм на Дизни.
Виена ја посетив и на крајот на 2022, во време на божиќниот маркет и има многу причини зошто би ја посетил пак…
Во Виена стигнав преку Будимпешта. Го фатив првиот воз од главниот град на Унгарија рано наутро и за неполни три часа веќе бев на перонот на Hauptbahnhof, централната железничка станица во Виена.
Уште од самото зачекорување на улиците на градот, во воздухот се чувствува мирисот на топло греено вино, на цимет и печени костени. Секоја помала уличка во градот, секој булевар, секоја зграда и палата е накитена со големи светилки, ламби, украси и декорации од секаков вид.
Посетив повеќе божиќни маркети, но најмногу впечаток ми остави Rathausplatz маркетот, кој се наоѓа непосредно до големо лизгалиште, а каде што на декорираните тезги се продаваат рачно изработени украси, колачиња со вкус на цимет и марципан, како и фамозното греено вино glühwein, кое ме топлеше на студените, зимски температури.
Сите божиќни маркети кои ги посетив во Виена нудат единствено и волшебно искуство. И секаде има слични работи кои ќе ги најдете на нивното 'мени':
1. Рачно изработени украси, како орнаменти, дрвени играчки, мирисливи свеќи и новогодишни украси. Ваквите ситници се вистински избор за сувенир или за подарок за некој близок.
Некои тезги дури ја нудат и опцијата crafts workshop, каде што посетителите можат самите да направат традиционални орнаменти или да насликаат некоја своја импровизирана уметност на парче порцелан или платно, а во тоа да им помогнат продавачите.
2. Традиционални колачиња чија арома практично го исполнува воздухот. Ќе најдете топло и свежо подготвени lebkuchen, еден вид колачиња со цимет, но и фамозните марципан колачиња, како и кандирано овошје или австриски печива како vanillekipferl и linzer. Ваквите колачиња може да ги најдете за цена од 2 до 5 евра.
3. Топлото греено вино е нешто што задолжително мора да се проба и е еден вид заштитен знак на сите божиќни маркети. Покрај виното, се продава пунч (во различни вкусови), топло чоколадо и многу други топли напитоци. Цената за греаното вино варира од 3 до 5 евра, додека пунчот и топлото чоколадо чинат меѓу 4 и 6 евра.
Но, доколку сакате да купите некој од овие пијалаци во чаша или шолја за да си ја понесете дома, наместо во пластична, односно хартиена варијанта, тогаш тоа ќе ве чини дополнителни 10 евра.