„Го посетив Мехелен - белгиско гратче со калдрмисани улички и прекрасна архитектура на 20 минути од Брисел“
Мехелен е мало белгиско гратче кое се наоѓа помеѓу популарните и раздвижените градови Брисел и Антверпен. Ова е место кое поретко се наоѓа на листата на туристи и е наменето за оние кои без брзање, како да го имаат целото време на светот, ја истражуваат Белгија. Половина ден е сосема доволно за да видите сè што има да понуди Мехелен, па дури и да се почестите со некој ручек или вечера.
Без разлика дали ќе слеташ на аеродромот во Завентем или Шарлеруа верувам дека прво ќе одвоиш два-три дена за Брисел, па дури потоа ќе продолжиш да ги истражуваш Гент, Бриж, Лувен, како и Мехелен.
Буквално, од централна железничка станица во Брисел се качуваш во воз и за 20 минути веќе си во гратчето со живописни калдрмисани улички, прекрасна архитектура и пријатна атмосфера.
Го сакам Мехелен затоа што ми овозможува да ѕирнам во минатото. Тоа чувство се разбуди во мене кога пред неколку седмици пешачев низ добро сочуваните средновековни улици на гратчето. Сосема е поразлична атмосферата преку ден и преку ноќ.
Исто така Мехелен може да се пофали и со импресивни архитектонски зданија, вклучувајќи ја и катедралата Свети Рамболд.
Панорамскиот поглед од високата кула никако не смее да се одмине. Се подразбира, еден дел од времето треба да го одвоиш и во посетата на Гроте Маркт – срцето на Мехелен, со впечатливо градско собрание и еснафски куќи кои оживуваат едно подзаборавено време и продавнички со уникатен избор на сувенири.
За уметничките ентузијасти постојат реномирани музеи и културни институции, меѓу нив спаѓа Хоф ван Буслејден – некогашна ренесанса палата, која денес е претворена во музеј. Тука со уживање можете да се нурнете во историјата на градот со голем избор на уметнички дела и артефакти.
Ако случајно сакаш повеќе да се запознаете со делата на локалните уметници тогаш треба да го посетите и музејот Шепенхуис. На тој начин уште повеќе ќе допрете до вистинската слика на Мехелен.
Не очекувајте ноќен живот, во Мехелен ноќните часови се спокојни. Ако сакате да се забавувате ги имате Брисел и Антверпен, па таму можете да правите што и да сакате.
Исто така и опциите за шопинг се ограничени. За твое олеснување, најголем број од локалците зборуваат англиски јазик, па нема да има проблем да се разберете со нив.
Од друга страна во Мехелен има различни фестивали и настани во текот на годината, а посебно е познат фестивалот Maanrock на кој има локални и странски артисти.
А празничната атмосфера најмногу се чувствува за време на Божиќниот пазар. Тоа е и очекувано, сите сакаат да купуваат уникатни подароци и да уживаат во вкусни задоволство.
И како за крај при посетата на Мехелен мора да вклучите многу вафли, чоколади, различни супи и пилешки специјалите, како и пивото Gouden Carolus.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело