Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за самовили
Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од детството. Секој предмет, секој мирис, поглед, гребнатинка успева во нас да отвори нешто што навидум изгледа дека сме го заборавиле. Токму тие моменти додаваат само уште повеќе боја на секојдневието и нè тера да се чувствуваме благодарни за времето на кое само може да се сеќаваме.
Токму такво посебно место е мојата семејна викендичка, која се наоѓа на дваесеттина километри од Куманово.
Школските распусти ги поминував таму, знаев два-трипати да се вратам во семејната куќа и тоа најчесто поради некој роденден, свадба или летување во Турција или Црна Гора. Остатокот од времето го поминував на тој добро познат терен.
Многу долго време немав отидено во викендичката, но кога бев последен пат се случи нешто посебно.
Беше сончево, па затоа решив да се прошетам низ околните ридови и полјани. Не обрнував внимание на времето и наеднаш се најдов пред базенот за наводнување на нивите и во сеќавање ми исплива приказната за самовилата Лиле, која со својот глас ги мамела селаните кои се давеле огромниот базен.
Не беше возможно, на ова легенда се немав сетено скоро две децении...
И така задишан, додека се враќав накај викендичка почнав да си ги повторувам приказните што баба ми ги раскажуваше. Се сетив на приказната за старецот кој зборуваше со духови мислејќи дека се живи луѓе, како и за сказната за двете сестри кои живееле на планина и го надмудриле лошиот вампир, кој се спржил на изгрејсонце.
Кога пристигнав во викендичката си направив кафе и седнав на едно дрвено столче пред тремот.
Ги одморав очите гледајќи во хоризонтот и се сетив на времето кога во пространиот двор баба ми и дедо ми одгледуваа домати, пиперки, јаболка, круши, лешници, грозје... Тогаш во летните денови можевме да си каснеме овошка и зеленчук, скинати од сигурна бавча.
Од тие спомени ми се надоврзаа и моментите кога со баба ми и дедо ми се влечкав по ниви и додека тие копаа, а јас сместен на черга седев под сенка и играв тетрис. Како непишан ритуал беше посипување со природно згреана вода од пластичните шишиња испонаредени околу куќата и јадење на вкусна манџа со месен леб.
Кога ја испив и последната голтка од кафето решив да ги посетам и другите места кои беа во близина, а гласно зборуваа за тој подзаборавен период.
Тогаш имаше многу повеќе жители, социјалните мрежи беа нешто непостоечко. Сите уживавме да ги слушаме приказните што кружеа низ селото, а вестите од земјата и светот доаѓаа до нас преку радио.
Многу често касетофонот ечеше во дворот, а имаше моменти кога заедно со другарчињата го вадевме стариот грамофон на дедо ми и ги пуштавме плочите од Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Бјело Дугме...
Од друга страна, тука беше и реката што се наоѓа на десеттина минути одење. Таму се случуваа најинтересните доживувања.
Знаевме по појадокот да се собереме сите деца и да отидеме на река, кој фаќаше риби, кој се капеше и уживаше во речната плажа како што ја нарекувавме. Редовно од некаде ќе се појавеа дињи и лубеници.
Откако ќе го изедовме бостанот, потоа ги бркавме пчелите и осите што се насобираа и така продолжуваме уште некое време.
Знам дека накај 18 часот сите се прибиравме и гледавме Дигимон кај некој од нас, чија антена од телевизор имаше најдобар сигнал.
Ех, колку би се вратил само во тие денови кога детската безгрижност беше составен дел од нашето постоење. Каде секој ден беше своевидна авантура која никогаш не сакавме да живееме.
Иако денес не е исто како претходно, барем ги имаме овие спомени со кои може да ја разведриме душата.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело