„По породувањето чувствував болка при секс и бегав од сопругот – Како успеав да го решам проблемот и да си го спасам бракот?“
„Ако слушнете како некој се фали дека има многу секс по породување, немојте веднаш да му верувате“ – тврди авторката Клио Вуд, која раскажува како ѝ биле потребни 5 и пол години за да се врати на нормалниот и редовен сексуален живот со сопругот по породувањето.
Клио Вуд е авторка на книгата Get Your Mojo Back, и јавно се обидува да ја крене свеста за женското здравје, а објави подолга колумна во која зборува за нејзиното сексуално искуство по првото породување.
Првиот обид за секс со нејзиниот сопруг се случил шест недели по породувањето, а тоа било мошне тешко и болно искуство.
„Сексот е единственото нешто за кое можеш да се фалиш без никој да ја дознае вистината.
Затоа имајте го тоа предвид, следниот пат кога некој ќе ви се фали дека има секс без престан само неколку недели по породувањето.
Многу веројатно е да ги преувеличуваат работите“ – вели таа.
Клио детално го раскажува сопственото искуство и вели дека иако пред породувањето имале здрав сексуален живот, работите нагло се промениле откако ја донела на свет ќерката.
„Тој првпат за мене беше најлошото искуство кога јас сум иницирала секс, затоа што сакав да се почувствувам нормално во новата улога на мајка, да си докажам дека сум истата личност од претходно.
Не знаев колку сум далеку од вистината.
Во тој период јас и сопругот веќе бевме заедно шест години и пред раѓањето на детето имавме здрав сексуален живот“.
Но, тешкото породување по природен пат и со помош на вакуум оставиле последици, па Клио тврди дека потоа чувствувала болка при секој сексуален однос.
„Чувствував како да имам секс со парчиња стакло.
Мислев дека нешто не е во ред со мене, а мојот гинеколог ми рече дека не е ништо сериозно.
За време на првата година по породувањето имавме секс само еднаш или двапати затоа што беше многу болно“ – раскажува таа.
Недостатокот од секс се одразил и врз нивните животи. Клио и сопругот се труделе да бидат колку е можно повеќе заедно, но пријатните вечери најчесто завршувале со расправии или во тишина.
„Една година по породувањето мојот психотерапевт ми рече дека најголем проблем кај мене е тоа што мускулите во долниот дел од стомакот се премногу стегнати и дека не се доволно флексибилни, а породувањето оставило рани на вагиналниот канал, заради кои сексот беше премногу болен“ – раскажува авторката.
По ова, ѝ биле препорачани вежби за опуштање на мускулите, но стравот од болката бил преголем, па при секој обид на нејзиниот сопруг за секс, Клио бегала.
Брачниот пар следните неколку години ги поминал без да бидат интимни, а таа вели дека во еден миг кога биле пред развод, одлучиле да одат на терапија за двојки.
„По шест месеци терапија се чувствуваме дека се враќаме на почетокот од врската и почнавме да имаме нормален секс. Но, ова почна да се случува 5 и пол години по породувањето“ – признава авторката.
Клио денес ја споделува својата приказна за да ги охрабри двојките со слични проблеми и да им укаже дека не треба да се срамат ако сексуалниот живот не им е толку исполнет како во времето кога биле без деца.
Секако, ова не е случај кај сите, и некои жени поминуваат со помали проблеми кои брзо се решаваат, но кај други може да се јават подолги последици.
Б. С. Б. | Црнобело