Мрсни шефчиња со 3 грама мозок кои сакаат само да „те легнат“, да им прави некој на вашите ќерки така, ќе биде во ред?
Пред некој ден прочитав електронска преписка помеѓу девојка која аплицира за одредена работна позиција и нејзиниот иден, потенцијален работодавач.
Девојката е очигледно образована, културна, има работно искуство. Се изразува одмерено и културно. Да им речеш на денешниве генерации да срочат таков текст, со пристап како нејзиниот, 80% нема да знаат ниту да бекнат, макар животот им зависел од тоа.
Сепак, очигледно е дека оваа девојка со солидно образование и завидно работно искуство не може да најде работа. Јасно е, не може да дојде на ред од врскаџиите и не изгледа на тип што се нуди како парче месо на пазарот. Има јасен став, а тоа не им се допаѓа на најголемиот број на денешните шефчиња.
Шефчето на крајот го губи трпението и ѝ се обраќа со погрдни пцости, откако претходно ѝ ветува брда и планини и сигурно вработување, доколку ги покаже нејзините орални способности за време на интервјуто.
На девојката ѝ прекипува лончето и решава јавно да ја објави преписката на Фејсбук. Со име и презиме, со сè! Па браво бе девојче! Алал да ти е! На храброста, на издржливоста, на волјата да се продолжи понатаму во ваков умоболен систем како нашиот каде што се извртени сите правила.
Ова не е прво, ниту последно горчливо искуство од ваков тип. Јас верувам дека многу девојки и жени се соочуваат со овој проблем. Самата сум била доведена во слична ситуација, понижена и навредена, кога те загледуваат во задникот или те прашуваат дали вообичаено носиш толку затворени блузи и кошули.
Па некако полу смешно, полу разочарано ти соопштуваат дека ете, не ја доби работата. Не си квалификувана. Не си се смеела доволно, не изгледаш пристапно. Пристапно – за што? За останување прекувремено во куси сукњички, чија должина ти ја диктира шефчето? И суптилно нагласување дека него црвен кармин му прави многу ќејф?
Дали вие, самопрогласени шефчиња знаете колку го подгазувате нашето достоинство и какви се последиците од ваквите понижувања кон женскиот род? Дали сериозно мислите дека некој упорно ќе молчи за вашата скриена перверзност, а вие ќе поминете неказнето и без никакви последици?
И постојано се прашувам – што ќе направите вие доколку некој се однесува со вашата ќерка на истиот начин како вие со потенцијалните женски работници во вашата фирма?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело
Би можело да ве интересира:





