Девојка од Амстердам чува огромен зајак: „Има 10 килограми, сака да се гали и се однесува како куче“ (фото)
Даниел од Амстердам чува огромен зајак кој тежи дури 10 килограми, а за кој вели дека се однесува како куче – многу е питом, сака да се гали и секогаш е пријателски настроен, дури и кон други животни.
Покрај кучиња и мачките, и зајаците се доста чест избор за милениче.
Повеќето зајаци што се чуваат во домашни услови се мали животни и во просек тежат по 3-4 килограми.
Но, има и зајаци кои можат да достигнат 10-тина килограми, како миленичето на Даниел од Амстердам.
Огромниот зајак на Даниел се вика Гас и таа вели дека поради карактерот повеќе наликува на куче, отколку на зајак.
Гас тежи речиси 10 килограми, а веќе е хит на Инстаграм поради неговата големина.
„Сите што го гледаат првпат се воодушевени од неговата големина, но и тоа што е пријателски настроен. Не прави проблем околу деца, ниту околу кучиња и мачки. Има навистина добар карактер“, открива Даниел.
Даниел го добила Гас како подарок од нејзиното момче, пред околу две години.
„Кога бев мала чував кучиња. Па, сакав куче. Но, бидејќи живееме во Амстердам и имаме динамичен живот, не можеме да се грижиме за него.
Тогаш дечко ми ми предложи да чуваме зајак. Мислев дека зајаците не сакаат да се галат, но сепак се согласив. И така, Гас дојде во нашите животи“.
Додека бил многу мал, Гас бил чуван во кафез, но Даниел вели дека сега целата куќа е негова.
Таа истакнува и дека грижата за него е навистина лесна.
„Научи да оди во тоалет во кутија на 2-3 недели. Кутијата му ја чистиме двапати неделно. Го чешламе и си играме со него. А, сè останато се прегратки и уживање во неговото друштво.
Наутро му ја отворам вратата за да излезе во дворот. Скока наоколу и многу е среќен. Потоа се враќа дома за прегратки и храна. Во текот на денот сака да скока околу нас и бара внимание“.
Бидејќи е навистина питом, Даниел без проблем го шета Гас со поводник, како куче.
„Секој ден е благослов. Никогаш не мислев дека зајаците се паметни или слатки. Сега секое утро кога се будам, едвај чекам да го гушнам Гас. Тој е пресладок зајак со големо срце и многу го сакам“.
Спирова С. | Црнобело