Македонка вдоми еж на ранчот во с. Ранковце: „На Велигден се родија 6 ежиња“
„Во куќата имам маче кое го вдомив пред околу 2 недели откако го најдов напуштено на паркинг. Па на Велигден вечерта излегов да видам дали мачето има за јадење и што да видам - 6 мали ежиња“, вели Мариа Дуда, која на својот ранч неодамна вдоми женка еж без да знае дека е бремена.
Мариа Дуда, жената која последните неколку години постојано вдомува животни на својот ранч во с. Ранковце, кривопаланечко, The Countryside, неодамна вдоми женка еж, која ја нашла како талка низ улиците на Скопје.
Во моментот кога ја зела со себе за да ја нахрани, Мариа не знаела дека таа е бремена и дека за неколку дена ќе роди мали ежиња.
Бебињата во моментов имаат само 4 дена (родени се на 5 мај) и иако кога се родиле биле големи колку половина прст, веќе почнуваат да растат, добиваат боја, а и боцките им се зацврстуваат.
На ранчот, Мариа, освен ежот со бебињата ежиња има и неколку коњи, кози, магаре, кучиња, мачки, и сите тие се вдомени, а тука живее и штркот Пипи.
Мариа, за CRNOBELO.com, раскажа за необичната ситуација во која се нашла, но апелира и да се чуваат ежовите, бидејќи се загрозен вид, а ова е недела за зголемување на свесноста за нивното истребување:
„Пред околу 2 месеца, во 2 по полноќ го најдов ежот низ уличките на населбата Аеродром. Прво мислев дека е стаорец, но, излегов од автомобилот, го зедов ежот во рака.
Се мислев дали да ја земам женката еж со мене или не. Јас имав еж лани, дојде на ранчот по мачешката храна, но го пуштив по околу 2 недели.
Боцко, така ја викам, беше жедна, па решив сепак да ја земам со мене на ранчот и така ја донесов дома.
Таа живее во куќата, ќе се најаде, ќе излезе да се прошета низ дворот и пак ќе си влезе внатре.
Во куќата живее и маче, кое го вдомив пред околу 2 недели, го најдов напуштено на паркинг.
Па на Велигден вечерта излегов да видам дали мачето има за јадење и што да видам - 6 мали ежиња.
Знаев дека ежот е женка, но не знаев дека е бремена, ама кога се присетувам што се случуваше, таа ги имала сите симптоми, само што јас не сум знаела.
Ежињата се родија на 5 мај и веќе имаат 4 дена. Супер се и тие и мама Боцко, која обожава да јаде несолени кикирики.
Сакаат тишина, па се на мирно место, покриени со многу слама за да ги крие од светлината.
Боцките им се меки, но полека почнуваат да зацврстуваат, а и ежињата добиваат боја.
Интересно е што ова се случи токму во неделата кога во јавноста се апелира да се зголеми свесноста за постоењето на ежовите (од 5 до 11 мај), бидејќи се загрозен вид.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело