9 знаци дека вашето куче не ви верува и се плаши од вас (и како да го промените тоа)
Го следи секое ваше движење со погледот, се крие кога ќе ве види и ја одбива храната што му ја давате со рака - кои се другите знаци дека вашето куче можеби се плаши од вас?
Ако сте го вдомиле кучето од мало и се грижите за него како што треба, најверојатно нема да имате проблеми со доверба.
Но некогаш на кучињата им е тешко да им веруваат на сопствениците, особено ако се вдомени постари и/или претходно биле малтретирани.
Важно е да ги препознавате знаците дека вашето куче не ви верува за да можете да го промените тоа.
За Insider, неколку ветеринари ги споделуваат најчестите вакви знаци во однесувањето.
Не значи дека секое од овие однесувања е дефинитивен знак дека кучето не ви верува. Но, ако забележите повеќе знаци, добро би било да преземете нешто за да ја стекнете довербата на кучето.
На кои знаци треба да обрнете внимание?
Го следи секое ваше движење со поглед
Неретко кучињата кои ги сакаат нивните сопственици, одат по нив низ домот.
Но, ако кучето го следи секое ваше движење со погледот, а се држи настрана од вас, тоа може да биде знак дека не ви верува или дека се чувствува непријатно покрај вас.
Никако не ве гледа во очи
Некогаш кучињата и целосно ги игнорираат луѓето на кои не им веруваат.
Ако кучето го избегнува вашиот поглед и ви се чини дека секојпат се оддалечува од вас, сосема возможно е да не ви верува.
Се крие кога ќе ве види
Ова е еден од поочигледните знаци – ако кучето се крие кога ќе ве види, голема е веројатноста да се плаши од вас.
Другите знаци кои покажуваат дека кучето се плаши е спуштање на ушите надолу, собирање на опашката помеѓу нозете, а некогаш и тресење.
Излегува од собата секојпат кога ќе влезете вие
Покрај игнорирањето, кучињата можат и целосно да ги избегнуваат луѓето покрај кои не се чувствуваат пријатно.
Ако забележите дека кучето ја напушта собата секогаш кога ќе влезете во неа, време е да преземете нешто.
Ја одбива храната што му ја давате
Ретки се кучињата кои немаат апетит и кои би одбиле храна.
Па, ако вашето куче нема здравствени проблеми, но не сака да ја земе храната што му ја давате со рака, можеби се плаши од вас и не ви верува.
Се накострешува
Ако забележите дека кучето „се собира“ и се накострешува, ова е јасен знак дека се плаши од вас или се чувствува непријатно.
Изгледа нервозно
Ако кучето постојано се проѕева кога не е уморно или се оближува, тоа може да биде знак дека е нервозно кога е во ваша близина.
Овие однесувања се слични како мрдањето на ногата и играњето со косата кај луѓето кога се нервозни.
Изгледа здрвено
Говорот на телото на кучињата може да открие многу за неговите чувства кон вас.
Ако ви изгледа како кучето да се здрвува кога е покрај вас, веројатно ве гледа како закана.
Лае и ржи
Во некои случаи, кога кучињата се многу исплашени, тие почнуваат да лаат и ржат кон личноста што ја гледаат како закана.
Во вакви ситуации важно е да не го провоцирате кучето бидејќи од страв може да се обиде да ве касне.
Како да ја стекнете довербата на вашето куче?
За среќа, можете да го промените односот со вашето куче.
Најпрво, важно е да не бидете напорни и да му дадете време. На некои кучиња им треба подолго да се адаптираат на новиот дом и новите сопственици.
Со текот на времето, ќе забележите дека кога малку го игнорирате, тоа нема да биде толку исплашено од вас.
Истовремено, избегнувајте нагли движења и гласни звуци кои можат да го исплашат.
Секогаш можете да побарате и помош од ветеринар.
Имајте на ум дека и кучињата се како луѓе, па можно е вашето да не сака да се зближи со вас. И, тоа е сосема во ред.
Најважно е кучето да се чувствува безбедно и не треба да му замерувате ако не сака многу прегратки и играње.
Спирова С. | Црнобело