Како да ги заштитите милениците кога температурите се многу високи?
Не ги изнесувајте надвор кога е најжешко и никако немојте да им го потстрижувате целото крзно.
Како што нам ни е потребна заштита кога температурите се многу високи, истото важи и за нашите миленици.
Покрај тоа што никогаш не треба да го оставате миленикот во автомобил на жешко време, постојат и други ситници кои треба да ги земете предвид за да го заштите неговото здравје.
Како милениците се справуваат со високи температури?
Слично како кај луѓето, и кај животните може да се појави летаргија кога времето е многу жешко.
Мачките, кучињата, но и милениците како зајаци, птици и глодари чувствуваат последици од екстремно високите температури.
Нивните тела имаат систем за ладење, но поразличен од нашиот. Додека ние се потиме за да се разладиме, мачките и кучињата се потат преку шепите и носевите.
Кучињата обично се разладуваат со брзо дишење со отворена уста, додека мачките најчесто си го чистат крзното – плунката што ја оставаат испарува и ги разладува.
Но, иако си имаат свои механизми за разладување, не значи дека вие не треба да направите ништо.
Дали некои миленици се почувствителни на високи температури?
Бидејќи постојат многу раси на кучиња и мачки, не сите се исто толерантни на високите температури.
На пример, мачките и кучињата со помалку крзно се изложени на поголем ризик ако се директно на сонце.
Без разлика на расата, секогаш е добро да ги имате предвид следниве нешта кога времето е многу жешко:
Не ги изнесувајте надвор кога е најжешко
Во периодот од денот кога сонцето е најсилно, најдобро немојте да ги изнесувате милениците надвор.
Ако сепак морате да го изнесете кучето, тоа нека биде кратко – само колку да отиде во тоалет – и движете се само под сенка.
Ако имате мачка која ја пуштате надвор, не ѝ дозволувајте да излегува кога е многу жешко.
Заштитете ги со облека за миленици
Ако миленикот има многу кратко крзно или има делови од телото кои не му се покриени со крзно, заштитете го со облека.
Крзното им нуди заштита од сонце на животните, па ако кожата им е директно изложена, и тие можат да добијат изгореници.
Немојте да им го скратувате крзното
Можеби мислите дека миленикот ќе се чувствува поудобно во лето без густото крзно, но ова е погрешно. Како што спомнавме, крзното им нуди заштита и никако не треба да се отстранува.
Секако, ако имате куче со долго крзно, можете малку да му го скратите како вообичаено, но не и целосно.
Грижете се за нивната хигиена, но не претерувајте
Мачките се животни кои самите се чистат и генерално вие не треба да правите скоро ништо за нивната хигиена. Единствен потрудете се да им го чистите песокот најмалку еднаш дневно за да го спречите разнесувањето на бактерии.
Кучињата од друга страна се малку несмасни и лесно се валкаат, па морате да ги бањате. Исто така, во лето нивната кожа лачи повеќе масти, па тие се валкаат побрзо.
Но, не треба да претерате – во лето доволно е да го бањате кучето на две недели, а помеѓу две капења чистете го со шамивчиња за кучиња.
Можете и да се консултирате со ветеринар кој ќе ви каже дали има потреба да го бањате почесто.
Внимавајте на промени во однесувањето
И мачките и кучињата можат да доживеат топлотен удар, па важно е да обрнете внимание ако забележите промени во однесувањето.
При топлотен удар мачките дишат забрзано, може да им се јави црвенило на јазикот и устата, летаргични се, а можат да почнат и да повраќаат.
Ако, пак, забележите дека мачката се однесува немирно и постојано се движи од едно на друго место низ домот, најверојатно не може да се разлади, па пуштете ѝ клима или вентилатор.
Слично однесување покажуваат и кучињата – кога им е многу жешко можат да почнат да се движат низ домот за да најдат постудено место.
При топлотен удар, и тие дишат забрзано, се лигават, срцето им чука забрзано, а можно е да се јави и промена на бојата на непцето поради дехидратација.
Ако забележите и само еден загрижувачки симптом, најдобро е веднаш да се консултирате со ветеринар.
Погледнете и: На одмор со вашето милениче: Потребна документација за излез од државата + корисни совети
Спирова С. | Црнобело