На одмор со вашето милениче: Потребна документација за излез од државата + корисни совети
Летниот одмор со миленик е исклучително забавен, прекрасен и незаборавен настан за сите сопственици на домашни миленичиња, бидејќи целото семејство заедно ужива и ниже непроценливи спомени.
Од друга страна, оваа одлука сама по себе носи одредени обврски во врска со документацијата којашто треба да ја поседува вашиот миленик, како и мерките на претпазливост за да практично не си го „уништите“ вашиот одмор.
Во продолжение, ви приложуваме што сѐ треба да поседува вашиот миленик за да летува со вас надвор од нашата земја:
Ветеринарен пасош
Како и вам, на вашиот миленик му е потребна патна исправа која ги содржи основните ветеринарни информации што се однесуваат на самото животно, како информациите за чистење од глисти, вакцинирање и какви било други превентивни мерки.
Налепницата за идентификација содржи и информации за податоците за бројот на вградениот микрочип, кој е задолжителен.
Примени вакцини
Покрај примарните вакцини коишто миленичето ги прима тековно, задолжителна е вакцинацијата против беснило и заштитната вакцина.
Уште еден важен факт: доколку патувате надвор од нашата држава, вакцината против беснило се аплицира 21 ден пред патувањето.
Прочистување од внатрешни и надворешни паразити
Исто така, од особена важност е прочистувањето од внатрешни и надворешни паразити, што значи: задолжителна ампула или заштитен околувратник и таблета за прочистување од паразити.
Сертификат за транспорт
Потребен е ветеринарно-здравствен сертификат издаден од официјален ветеринар од земјата.
Ветеринарниот доктор треба да изврши детален клинички преглед на вашето милениче, така што по прегледот ќе добиете соодветен сертификат за здравствената состојба на истото.
Врз основа на издадениот сертификат за здравствена состојба, потребно е да се упатите кај овластениот ветеринарен инспектор, со цел да го извадите сертификатот.
Корисни совети за подобар летен одмор со вашето милениче:
Капењето е полн погодок
Ветеринарите дефинитивно препорачуваат капење на вашето куче, секако доколку истото тоа го сака, бидејќи е одлична рекреација.
Некои кучиња сакаат да пливаат и уживаат во морето, а некои бегаат од водата, плашејќи се дури и да ги потопат шепите.
Ако вашето куче не сака вода, немојте да го форсирате, но проверете дали е со вас под сенка и навлажнете го со флаширана вода.
Пливањето е одлична рекреација за кучињата и не заборавајте да бидете трпеливи ако кучето се плаши од вода, бидејќи штом се развие, стравот од вода умее да остави трајни последици.
Внимавајте на температурата на водата
Водата во која кучето се капе не смее да биде премногу студена, бидејќи може да доведе до тоа кучето да добие воспаление на цревата (ентеритис, колитис).
Исто така, кога плива тоа обично голта морска вода и ако испие повеќе од просечното, голема е веројатноста дека ќе поврати.
Нарушувањата ќе бидат минливи, но ако повраќањето трае подолго и ако е повеќекратно, тоа може да доведе до нарушувања во организмот кои се последица на губење на минерали и течности.
По повраќање, не хранете го кучето веднаш и не давајте му вода по своја волја, туку понудете му мали количини обична вода во интервали од околу 15 минути. Хранете го со неговата редовна храна, така што ќе ја поделите во повеќе мали оброци.
Задолжително плакнење од солена вода
По пливање во море, би било добро да го измиете кучето со обична вода бидејќи морската вода го суши влакното и кожата.
Ако кучето се капе во морето, задолжително исчистете ја внатрешноста на ушите со крпа, за да се заштитите од воспаленија.
Нега на шепите
Особено внимание обрнете на шепичките, кои можат многу лесно да се изгорат на вжештениот песок.
Не шетајте го кучето на најсилното сонце (од 11 до 17 часот) затоа што може да добие изгореници.
Сет за прва помош
Бидете подготвени. Доколку вашиот миленик случајно се повреди со себе имајте сет за прва помош и контакт од ветеринарна служба.
Важно:
- Вашиот миленик постојано да има на достап свежа вода.
- Земете поголема количина на храна. Не менувајте ја храната на вашето милениче во временскиот период додека сте на одмор.
- Внимавајте на изложеноста на сонце – доколку не е во вода вашиот миленик секогаш нека биде под сенка.
Мила М. | Црнобело