Позитива на денот: Кучето кое го продаваа за борби низ Македонија - си ја пронајде вистинската сопственичка по 1 година
Пред неколку дена јавноста беше згрозена од огласот за продажба на пит бул за борби, па активистите со право се „кренаа на нозе“ – приказната заврши со среќен крај, подобар од очекуваниот.
На социјалните мрежи се појави оглас за продажба на пит бул за борба, а граѓаните беа згрозени и го споделуваа вирално во потрага по спас за кучето.
Активистите од Здружението Шепасти Ентузијасти не останаа рамнодушни на оваа неправда и тажната судбина на кучето ја претворија во среќна и емотивна приказна.
„Не е првпат да спасиме куче од ваква судбина, но драго ни е што за оваа приказна се расчу бидејќи има вака среќен крај. Обично овие раси се обидуваме да ги пратиме надвор од државата и да завршат во вистински раце, бидејќи кај нас се злоупотребувани за борби.“ - вели Димитар од здружението за CRNOBELO.com.
Тие се договориле со „продавачот“ да го купат кучето со цел да не заврши во погрешни раце, а трошоците ги чинеле 100 евра. Она што никого не остави рамнодушен, е фактот што, не само што го спасија кучето од погрешни раце, туку го вратија во вистинските.
Откако го земале, го однеле кучето на ветеринар, каде им откриле дека има чип и се вика Бамби, а го откриле и вистинскиот сопственик – Бојана.
„Во моментот кога го купувавме, не знаевме дека кучето е чипирано, но на ветеринар ни открија дека сопственик е девојче од Чаир. Ја контактиравме и кога ја известивме таа беше пресреќна. Со радост и викање прифати веднаш да дојде во ветеринарната станица, а средбата беше многу трогателна. На Бамби ѝ требаа 30 секунди да се стабилизира, го душна девојчето и веднаш ја препозна.“ – продолжува Димитар.
/photo/1 .2375503852749761/242150803553720/?type=3&theater
Сопствениците поминале цела година во потрага по Бамби откако била украдена од двор и кога најмалку очекувале – се обединија повторно и си го вратија својот миленик.
„Се подготвува пријава за сторителите и ќе се потрудиме ова да се истера до крај за да биде пример за понатаму и да нема вакви ситуации каде ќе мора сами да ги решаваме овие работи и да се ставаме во ваков ризик. Драго ни е што оваа приказна допре до многу луѓе и заврши со среќен крај.“ - додава Димитар.
Уште една приказна со среќен крај од која може да се извлече поука дека никогаш не треба да се откажуваме од она што го сакаме!
М. М. | Црнобело