„Човечка“ храна која е штетна за вашето куче и со што да ја замените
Ако имате куче, сигурно зјапа во вас секогаш кога јадете. Кучињата, како и сите животни, едноставно уживаат во храната, па нормално одвреме-навреме да го израдувате миленикот со нешто од вашата чинија.
Но дали секоја човечка храна е безбедна за вашето милениче?
Дигестивниот систем, но и целиот организам на кучињата е поразличен од оној на луѓето, па одредени намирници што се добри за вас, можат да му предизвикаат штета на вашето милениче.
Затоа, погледнете која човечка храна е штетна за вашето куче, и со што можете да ја замените:
Кокос
Воглавно, ако кучето јаде кокос, но ретко, не би требало да има проблеми. Но сепак, маслата во кокосот можат да предизвикаат проблеми со стомакот на кучето. Истовремено, кокосовата вода има премногу калиум, па не би било добро да му ја давате на миленикот.
Добра алтернатива за кокосот се плодовите од дрвото рогач. Тие се слатки и безбедни за кучето, а содржат и хранливи материи како витамини А, Б и Д, но и калциум, магнезиум, железо и протеини.
Варени коски
Многу луѓе сметаат дека варените коски се одлична ужина за кучето, но подобро избегнувајте ги.
Причината е што варените коски се кршливи, а нивните остри рабови можат да ги повредат устата, јазикот и стомакот на кучето.
Ако вашето куче сака коски, подобро дајте му сурови. Сепак, земете му ја коската после 10-тина минути – кучето може да ја искрши и да се повреди.
Јаткасти плодови
Најмногу треба да внимавате со оревите. Овие јатки можат да предизвикаат проблеми со дигестивниот систем на кучето. Другите јаткасти плодови можеби не се толку штетни, но ако имаат многу масти и масла можат да предизвикаат дијареја или повраќање.
Кикиритките и индиските ореви се релативно безбедни за кучињата, но давајте им ги што поретко.
Авокадо
Авокадото содржи состојка која може да биде штетна за животните. Според ветеринарните, кучињата се поотпорни на оваа состојка од другите животни, но најдобро е целосно да го исфрлите авокадото од исхраната на вашето куче.
Подобро дајте му банана – овошје богато со калиум, магнезиум, хранливи влакна и витамини Б6 и Ц. Сепак, бидете умерени и со бананите, бидејќи содржат многу шеќер.
Сурово месо
Суровото место не e опасно само за вашето куче, туку и за вас, најмногу поради бактеријата салмонела. Па, најдобро никогаш да не му давате сурово место на миленичето.
Готвеното место, од друга страна, е одлично за кучињата, сè додека нема коски.