Лесно се дресираат, лојални се: Кои се најинтелигентните раси на кучиња?
Кучињата од расата бордер коли се сметаат за најинтелигентни во светот, а на листата се наоѓаат и германскиот овчар и пудлата.
Исто како луѓето, и кучињата имаат различен коефициент на интелигенција.
А, некогаш нивната интелигенција зависи и од нивната раса.
За Reader’s Digest, неколку ветеринари и експерти за кучиња откриваат кои се најпаметните раси и зошто се истакнуваат од другите со својата интелигенција:
Бордер коли
Според досегашни истражувања, оваа раса е најинтелигентна. Во САД постоело и куче од оваа раса кое може да препознава над 1.000 збора.
Овие кучиња потекнуваат од Англија, Шкотска и Велс и имаат способност да преживеат на таков карпест терен.
Притоа, брзо учат команди и се одлични овчарски и кучиња чувари.
Доколку сакате вакво куче, треба да бидете подготвени да му понудите многу ментална и физика стимулација.
Оваа раса мошне добро комуницира со луѓе, лесно се адаптира, но бара и многу внимание.
Пудла
Иако некогаш е нарекувана „француска“, пудлата е всушност раса што потекнува од Германија.
Според истражувањата, овие кучиња имаат истакната емоционална, но и когнитивна интелигенција.
Послушни се, лесно разбираат команди, а и сакаат активности кои ги предизвикуваат, како следење некаква трага.
Интересно е што овие кучиња сакаат и да изведуваат трикови за нивните сопственици.
Поради високата интелигенција, и ова е куче кое бара многу ментална стимулација, односно повеќе внимание од сопственикот.
Германски овчар
Овие кучиња се одгледувани поради нивната интелигенција и можат да учат нови команди за многу краток период.
Послушни се, имаат огромен фокус и често се заштитнички настроени.
Можат да се справат со стресни ситуации и токму поради ова неретко се дел од спасувачки тимови, па дури и полициски единици.
Доста често, германските овчари се одгледуваат и како помошници за лица со попреченост токму поради нивната интелигенција.
Златен ретривер
Ретриверите не само што се интелигенти, туку се и желни за учење, па е мошне лесно да ги дресирате.
Некои кучиња можат да научат и до 200 наредби, и тоа по само еден-два обида.
Тие сакат да им угодуваат на луѓето и нивните сопственици можат да се потпрат на нив дури и во опасни ситуации.
И ова се кучиња кои често се помошници на луѓе со попреченост.