За жените кои се соочуваат со препреки на патот до потомство: „Не си помалку жена, ти си ЖЕНИШТЕ“
Знам дека ти доаѓа грутка на срце, ти навираат солзи на очи кога ќе погледнеш бебе на твоја пријателка, кога ќе погледнеш бебешко чорапче, но верувај драга, ќе дојде и твојот ден.
Овој текст е наменет за посебна група на жени. Жени кои сакаат да имаат дете, но патот кон тоа е полн со препреки. Во ред е. Не си сама, со ова се соочуваат многу и многу повеќе отколку што се зборува.
Знам колку ви ги параат срцата прашањата и речениците од типот: „Што чекате?“, „Кога дете?“, „Ајде побрзај време ти е веќе“.
Свесни сте дека живееме во малку покарактеристично општество. А со овие непријатни ситуации се сретнуваат и жени и од поразвиени земји.
На 98% од луѓето и воопшто не им е гајле кога ќе родиш дете и дали ќе родиш, туку само те прашале и ти зборувале колку да се каже нешто. Далеку дека е во ред, но тоа и тешко дека ќе се промени.
Не им замерувај и не ги земај зборовите при срце. Ако тие вам со камења, вие ним со цвеќе. Продолжи со својата битка, а го пишувам ова со надеж дека ќе можам барем да ти понудам трошка утеха.
Во ред е да се чувствуваш тажна, во ред е да плачеш, но немој да си правиш притисок. Знам дека боли нешто да сакаш толку многу, а да не доаѓа.
Знам дека ти доаѓа грутка на срце, ти навираат солзи на очи кога ќе погледнеш бебе на твоја пријателка, кога ќе погледнеш бебешко чорапче, но верувај драга, ќе дојде и твојот ден.
На крај и да не успее, колку и да боли - ти си жениште. Ќе плачеш, ќе боли, нема да сакаш да станеш од кревет, но еден ден ќе помине.
Ќе бидеш опкружена со луѓе кои повторно ќе измамат искрена насмевка на твоето лице и неизмерно ќе те сакаат. А најважно од сѐ, ќе го пребродиш и ова.
Никогаш до целост, но со тек на време деновите полесно ќе се издржуваат, а болката нема да гори и да те гуши толку многу.
Немаш недостаток, не си помалку жена. Животот некогаш не ни ја носи картата со која ја добиваме играта. Но, ќе ти додели други карти со кои можеш да одиграш и да добиеш друга игра.
Не те форсирам да бидеш силна. Ти си силна, но некои денови е многу тешко да го покажеш тоа. Само те молам, ако ти ја искривуваат круната од глава, немој да ја фрлаш круната во кал.
Кога ќе можеш, ќе ја исправиш и гордо ќе чекориш со неа на глава. Верувај во себе.
Иако не те познавам - те прегрнувам, те поддржувам, те бодрам и верувам во тебе.
Не си помалку жена, ти си ЖЕНИШТЕ.
Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!
Автор: Ана
фото: depositphotos.com