Колумна: Зошто нашето добро познато правило „Златна средина“ е спротивно на „Правилото 10х“ на Грант Кардон?
Книгата „Правилото 10х“ на Грант Кардон навистина мислам дека може да промени многу животи на професионално и приватно поле. Сѐ што пишува во книгата ние потсвесно го знаеме или пак сме се сретнале професионално со такви предизвици, но книгата дава лични примери од авторот кои ги потврдуваат неговите тези. На пример, се среќаваме и со тези кои сме мислеле дека се во ред или пак ни биле врежани во нашата културна матрица како правилни, а всушност нѐ спречуваат да го направиме важниот исчекор кон нешто подобро за нас и за целата наша заедница.
Затоа ќе почнам со тоа што нѐ учеле нашите предци како правилно, а авторот го докажува спротивното, а тоа е изразот или животната филозофија „златна средина“. За време на Југославија во државата во која и јас сум родена ова беше златно правило. Но, како што можеме да констатираме, и условите во кои се функционираше тогаш беа приближно до идеални, ама беа такви затоа што некој кој е над таа златна средина се грижеше да ги договори сите трговски зделки за сите држави и да обезбеди идеални услови за функционирање на економските субјекти кои беа државни. Во тоа време на чело на државата го имавме најголемиот трговец на светот и беше лесно и можно да се одржува таа златна средина. Но, кога ситуацијата станува неконтролирана и условите не се идеални, многу лесно „златната средина“ се претвора во „низок стандард“.
Треба да се очекува дека во одреден период ќе настане криза која ние не можеме да ја контролираме и само ако сме делувале во поволните времиња со поголеми заложби, т.е. сме делувале над таа златна средина ќе може да си ја зачуваме позицијата и нема да претрпиме големи загуби наспрема оние кои се однесувале комотно во поволни услови. Значи, филозофијата „златна средина“ која важела за едно време, сега нема да ни помогне да опстанеме.
Авторот оди и понатаму што за него балансираното делување дури е полошо од неделувањето. Само ако се преземат 10 пати повеќе акции за остварување на одредена цел, резултатите нема да изостанат. Всушност, според него тоа е единствената разлика која ги дели успешните од неуспешните луѓе, количеството на акции преземено за реализација на одреден план, цел.
Не е можно да преземеме контролирана доза на акции, а да очекуваме некој грандиозен исход. Нели поверојатно е да преземеме огромно количество на акции за да постигнеме голем успех. Некогаш и големиот успех не стигнува одеднаш, тука влијаат и надворешни влијанија кои се надвор од нашата контрола ама само ако сме сигурни дека сме ги преземале сите можни акции - можеме да ги очекуваме посакуваните резултати. Нашите залагања и акции никогаш не се залудни.
Не штедете се, искористете го вашето време максимално, испланирајте колку акции во одреден час е возможно да се преземат без да се прават одлагања или да западнете премногу во вашите мисли, не дозволувајте овие нешта да ве оттргнат од тоа што природно е ваше право да го остварите.
Вашето златно правило сега нека биде „Правилото 10х“, а зошто да се задоволувате со „Златната средина“?!
*Авторот на колумната е со долгогодишно искуство во маркетинг
Автор: Марина Мартиновска