Каква шлаканица ни „влепи“ 2020-та и зошто ќе ја помниме до крајот на животот?

Можеби 2020 беше година која беше намерно ставена во календарот со цел да нè „разбуди“ од „зимскиот сон“ на алчноста, безумието и бездушноста и да нѐ научи на еден поинаков вид на среќа.

kakva-shlakanica-ni-vlepi-2020-ta-zoshto-kje-ja-pomnime-do-krajot-na-zhivotot-01.jpg

Година која имаше за цел само да нѐ освести дека среќата е пред нас и во сите мали, тивки, безимени и дотогаш неприметни работи. Година која ни „удри“ шлаканица со цел да нѐ освести дека тие „мали“ работи всушност и не се толку „мали“ и дека тие се работите кои нѐ одржувале во живот и оние кои отсекогаш вистински ни значеле.

Можеби сега после толку многу турбуленции цела година сфаќаш дека среќата се крие во првата голтка од утринското кафе или чај. Сфаќаш дека среќата се крие во гласот на твоите најблиски кој сè уште го слушаш секој ден.

Можеби сега сфаќаш дека е вистински благослов да ги гледаш твоите пријатели секој ден и да можеш да ги прегрнеш кога и да посакаш. Сфаќаш дека среќата се крие во оние моменти кога си се смеел толку силно што стомакот ти се исполнил со грчеви и не си можел да земеш воздух.

Можеби сега сфаќаш дека среќата не е нешто толку недофатно и невозможно. Можеби сега сфаќаш дека едноставно не си ѝ дал шанса и прилика да те обземе затоа што си бил толку многу внесен во некои нереални стандарди за истата, а сега ти е јасно колку е само таа насекаде околу нас.

Топла купка после напорен ден, прочитана книга, безусловна прегратка, омилена песна на радио, „лудување“ во ноќен клуб до 4 наутро, обична насмевка на некој кој ни значи, топол оброк, патување, плажа, море, снег, дожд, деца што трчаат во парк, деца што трчаат кон училишниот двор, студенти кои се туркаат низ ходниците, концерти, 8 часа непрекинат сон, празници со најблиските, матурски, свадби и крштевки.

Можеби оваа година имаше намера да нѐ научи дека човечката конекција е нешто многу повеќе од физички допир и дека можеме истата да ја одржиме преку грижа едни за други и надеж за подобро утре.

Можеби 2020 беше овде за да нѐ научи да се грижиме и поддржуваме едни со други. Можеби 2020 имаше цел да нѐ научи да бидеме благодарни за најмалите работи во животот кои дотогаш биле замаглени од монотоното секојдневие. Можеби 2020 сакаше да ни каже: еј поддржувајте, ценете и сакајте се.

Можеби 2020 сакаше да нѐ освести колку многу работи ги земаме здраво за готово. Можеби и ќе биде запаметена како година која ги оддалечи сите, а истовремено нѐ научи на вистинското значење на човечката конекција и врските.

Можеби пак едноставно сакаше само да ни каже да престанеме да го трошиме нашето време на луѓе кои не го заслужуваат него, нашиот труд и нашата енергија, затоа што не знаеме уште колку го имаме. Можеби само нѐ освести дека во животот треба да бидеме опкружени со луѓе кои го извлекуваат најдоброто од нас, не прават подобри личности и ни се мотивација и поддршка да не се откажуваме од нашите соништа.

Можеби 2020 беше година која имаше тајна задача да нѐ натера да направиме чистка од сите непотребни личности во нашиот живот или пак едноставно сакаше да ни покаже колку сме многу посилни од тоа што мислиме и колку тешки моменти и солзи можеме да пребродиме и преболиме.

Можеби сакаше да ни ја покаже дека постои можност да посадиме семе во секоја празнина во нашиот живот и одново да почнеме да ’ртиме. Можеби сакаше да нѐ научи на важноста на човечката поддршка и дека не сме сами и сме си потребни едни на други. Можеби сакаше да нѐ научи дека не сме ние тие кои го планираме и контролираме нашиот живот.

Само можеби …

Оваа година ни покажа колку брзо може да се смени нашата перспектива кон тоа што го сметаме за важно и вредно. Нашата перспектива кон зборот среќа.

Затоа сакам еднаш засекогаш да погледнеш подлабоко од исфилтрираниот свет во кој живееме и да се прифатиш себеси онаков каков што си без секојдневно да се споредуваш со сите кои те опкружуваат и да престанеш да бидеш толку строг кон себе, затоа што не си овде да бидеш совршен, туку си овде за да правиш грешки и да учиш од истите.

Се надевам дека веќе се освести дека е сосем океј да бидеш ранлив и не секогаш толку силен, затоа што си човек, а на човек му треба човек, на човек му треба некој да му подаде рака и на човек му треба некој кој ќе го сака.

Се надевам дека никогаш повеќе нема да се потцениш и нема да трошиш време на луѓе кои не го заслужуваат. Се надевам дека нема да потклекнеш и премолчиш во ситуации во кои мислиш дека можеш и заслужуваш повеќе.

Се надевам дека ќе научиш да се сакаш себеси со сите твои „маани“ и „несовршености“ и конечно ќе почнеш да уживаш во животот. Се надевам дека ќе направиш чистка од сите кои те третираат како ѓубре и ти кажуваат дека твоите соништа се преголеми за овој свет. Затоа што не се! Никогаш и не биле! Тие се оние кои се ограничени и затупавени во сивото секојдневие и никогаш не погледнале низ призмата полна со бои.

Најважно од сѐ, се надевам дека конечно ќе се ослободиш од мислата дека е предоцна, затоа што никогаш за ништо не е предоцна. Никогаш не е предоцна да го смениме начинот на живот и да станеме човекот кој отсекогаш сме сакале да бидеме.

Никогаш не е предоцна да сфатиме дека минатото и грешките не се оние кои нѐ дефинираат како личности. Мораме да научиме да имаме верба и да веруваме дека никогаш не е предоцна да зачекориме со мали бебешки чекорчиња кон нов живот.

Мораме да научиме да веруваме во подобро утре и да се надеваме дека повторно ќе се прегрнуваме без страв. Дека човечкиот допир повторно ќе оживее и дека нема нашите насмевки да бидат скриени зад маските и ќе ги гледаме секаде околу нас.

Мораме да почнеме да веруваме дека сѐ ќе биде во ред, затоа што 2020 ни ја донесе оваа лекција, нѐ научи на еден поинаков вид на среќа и иако сите нѐ оддалечи ни го покажа вистинското значење на човечката конекција. Нашата конекција.

Автор: Т. Ѓ. 

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg