„Мајката во станот над мене толку вреска по детето што сакам да ја пријавам во Центар за социјални грижи“

majkata-vo-stanot-nad-mene-tolku-vreska-po-deteto-shto-sakam-da-ja-prijavam-vo-centar-za-socijalni-grizi-01.jpg

Пред некој ден бев во маркет да пазарам, и пред мене на каса двајца родители со нивната ќеркичка. Девојченцето си разгледува наоколу и одеднаш се врти кон татко ѝ велејќи: „Тато, дај ми една паричка да ја пуштам во садот“. 

Човекот само се насмевна и ѝ подаде не знам можеби 20тина денари. Малечково со трчање отиде и ги пушти парите во садот, враќајќи се кон своите родители радосно. 

Стануваше збор за сад кој е наменет за донации за децата со посебни потреби. Колку само ме воодушеви целата ситуација, не можам ниту да опишам со зборови. Ама дефинитивно ми беше позитив на денот! Огромно браво за ваквите родители, пред сè.

Од друга страна пак, живеам во зграда каде има мали дечиња и едно од нив, околу 4-5 годинки, никогаш не пропушта можност да нè поздрави мене и мојот сопруг. Во моментот знае да ми ја разнежни душата и да ме стопи со неговото „здраво“, честопати проследено и со дополнителен муабет. Срце од дете!

Е, за разлика од него, соседите кои живеат нас, понекогаш претставуваат вистински кошмар! Зошто? Мајката толку често врши вербална тортура над своите деца, што на моменти ми има дојдено да се јавам во Центар за социјални грижи и да ја пријавам. А да бидам искрена, веројатно и тоа ќе се случи во многу скоро време. 

Не можам да ви опишам колку само грдо звучи целото прегласно викање кон децата, а нивното плачење ми предизвикува огромна жал. Па, колку и да се темпераментни децата, зарем нема друг начин да бидат воспитани? Знам дека има.

Си мислам, и ние бевме деца. Родителите нè караа, можеби еднаш во животот имам добиено ќотек од моите, ама се знаеше како израснавме. Немавме сè што ќе посакаме, а бевме насочувани и воспитувани да го цениме она кое го имаме, без некои дополнителни жалби и поплаки од наша страна.

Знам дека на темава е пишувано многу, ама денешните деца и тоа како се разликуваат. Не сите, се разбира. Знам и дека живееме во поинакво време, меѓутоа, зарем треба да дозволиме да исчезнат вистинските вредности?!

Од нас зависи тоа! Ние сме тие кои треба да вложиме напори да и идните генерации зачуваат во себе нешто квалитетно. Разбирам дека голем дел од родителите работат и по цел ден за да им овозможат на најмилите убави услови за живот, ама сметам дека нема изговори кога станува збор за воспитување на сопствените деца.

Замислете си ја иднината, некои 20тина години подоцна. Какви генерации ќе имаме? 

Некој рекол дека „иднината е во младите“ и тоа е апсолутно точно. А кога веќе е така, зарем не сме ние оние кои треба да ги насочуваме кон правилни и вистински вредности?!

Драги родители,

Ве молам вложувајте колку што е можно повеќе време, грижа, внимание и љубов пред сè во вашите дечиња. Во нивните очиња, вие сте сè - и родители и учители и најомилени суперхерои. Бидете оние кои стојат зад нив и гордо ги пуштаат во светот на возрасните, знаејќи дека дале сè од себе за од нив да испаднат млади, квалитетни луѓе.

Материјалните средства носат радости, но верувајте не толку колку спомените кои ќе ги создадете со вашите најмили. Ни приближно толку колку важните животни лекции на кои ќе ги научите и преку кои, благодарение на вас, ќе знаат како да се справат со животните предизвици. 

Верувам дека тоа бара и многу жртви од ваша страна, ама помислете само на крајната цел, на наградата која би ја добиле - на благодарноста и целата љубов од нивна страна кон вас. Чувството на гордост, знаејќи дека сте направиле човек во вистинска смисла на зборот од вашето дете.

Дечињата се како сунѓери - впиваат сè околу нив. Бидете внимателни во изборот на зборови додека комуницирате во нивно присуство, со вашите дела покажете им дека тие се оние кои во иднина можат и треба да го направат светот многу поубаво место за живеење. Дајте сè од себе, знам дека можете и знам дека ќе успеете.

Многу љубов и позитивна енергија ви испраќам и на вас и на вашите најмили.

Автор: Скарлет 

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg