Кога животот се случува...
Ѝ се чинеше бесконечно долго, но патувањето сепак заврши. Авионот слета на аеродромот Александар Македонски. Некако зашеметено си ги зеде куферите, несвесна за атмосферата околу неа, божиќна, дека нели Божиќ, некои го слават.
Со тромави чекори излезе на улицата и за прв пат тој ден сè и беше кристално јасно. Како некој да ја поли со бокал студена вода, како некој да ѝ тргна црна завеса од тажните кафени очи.
Пред неа стоеше Скопје. Нејзиното тажно Скопје, нејзиниот дом Скопје… нејзиното познато гратче. И без да сака, сликите на нејзиното минато ја бркаа немилосрдно.
Кога си уништена и немаш веќе што да изгубиш, тогаш си најсилна. Тоа беше нејзиното мото, од исплашена девојка која не знаеше што ќе биде со неа после толку време се врати како успешна жена, и иако толку години минале сè уште беше блага, мила. А сепак борец, сепак со детско жарче во градите.
Се помисли дали да повика такси, а потоа сфати дека и да го направи тоа не знае каде да му каже да оди, не знае дали воопшто има врата која треба да ја отклучи. Затоа ги остави куферите во едно мало хотелче и застана за миг.
Размисли што ѝ недостигаше најмногу и се насмевна. Ветрот дуваше толку силно, толку студено, како да ѝ се лутеше што се вратила. Дури и временските услови како да и велеа дека не било добра одлука да се врати, а сепак им се спротивставуваше со сета сила.
Несвесна стигна на плоштадот Македонија, се изменил. Ама за среќа уште стоеја неколку чичковци што се топлеа над печките и продаваа вкусни костени.
Се почувствува како мало девојче кога му побара да и даде костени за 30 денари. Во минатото понекогаш само толку и имаше, а помалку и онака беа повкусни.
Кејот на Вардар беше осамен, ниту една љубов на денешниве млади не е доволно топла за да издржи менување на слатки нежности при ваков студ, а колку ли во минатото ги имаше. Ех, да знае некој колку зајдисонца гледаше токму на онаа клупа.
Отиде до неа, седна. На клупата фалеа даски, а сепак неа и беше најудобна како ниедна фотелја досега. Го побара своето име изрежано на даската. Го најде покрај неговото. Марија и Филип. Колку совршена игра на букви, колку совршен спој на две имиња. Чиниш едноставно звучат, а колку ли љубов кријат.
Луѓето забрзано одат натаму наваму и немаат претстава дека немаат време , дека времето не постои. Тоа е замка на судбината. Брзаат на работа, брзаат да заработат пари, брзаат да заминат побрзо на топло во своите домови и никој не се осмелува да застане, да почувствува, да засака, да пати. Никој.
Не мислите дека денес сите бараат трошка љубов, а всушност наоѓаат илјада изговори да не ја доживеат? Или можеби таа беше премногу разочарана за да види. На нејзиното лице една солза скришум си го пронајде патот од срцето надвор. Другите ја немаа таа олеснителна околност.
Нема да плаче, си вети. Не после толку време. Не откако научи толку многу. Се врати бидејќи конечно ја сфати својата мисија. Конечно ја сфати смислата на нејзиното патешествие.
Секогаш се пронаоѓаше во онаа приказната 'Girl in the big city'. Целата младост ја потроши на потрага по љубов... никогаш доволно не ја наоѓаше, но тоа ѝ беше само дополнителна мотивација уште посилно да верува во неа и да ја бара. И ја наоѓаше во најчудни лица.
Го сакаше Филип повеќе од нејзината душа. Иван беше смислата на нејзиниот живот... Го сакаше многу, сакаше негови деца. Деновите без него ѝ беа како празни страници од некоја книга која моли да биде испишана, без разлика дали е со среќен или тажен крај.
За сите удобности во својот живот се погрижи и успеа. За сите среќи и надежи, пострада. Се измачи и не успеа. Или успеа?
Денес ѝ беше јасно. После смртта на Иван сфати. Таа секогаш трагаше по нешто посебно, а таа беше посебна. На свој чуден начин. Чудесен.
Секој од мажите во нејзиниот живот ѝ значеше подеднакво, исто посакуваше среќа со нив, исто тагуваше кога среќата немаше да дојде. Секоја тага една линија на нејзиното лице. Секојпат нова смрт.
Којзнае дали смртта може да ја избрише љубовта? Или разделбата е онаа која е поболна? Во секој случај, таа остануваше сама.
Се врати за да го побара него..Филип. Ама не, нема да го стори тоа. Сигурно е среќен, татко. Има семејство. Отсекогаш го посакуваше тоа. И таа исто... зошто ли не се оствари? Така било пишано.
Денес сфати. Сета љубов што ја чувствуваше низ годините на крајот ѝ подаруваше тага за паметење. А, велат животот без тага не е живот. Заборавот без болка не е заборав. Значи да тагуваш - значи да живееш. Да твориш, да сакаш, да се мачиш, да губиш.
Да знаеш дека ќе загубиш и пак да дадеш сè од себе, бидејќи понекогаш, само понекогаш можеби и ќе добиеш.
Таа многупати изгуби, но денес добивката беше нејзина. Денес таа ѝ заврте грб на тагата. Нејзината тага денес стана причина за нејзината среќа.
Не го побара Филип. Денес ќе ја промовира нејзината нова книга. Конечно ја заврши, конечно собра храброст и се помири. Во нејзиниот живот немаше детски плач, немаше детско главче кое доцна во ноќта ќе го прегрне и ќе го заспие со нежни стихови.
Немаше дете кое ќе го искара, немаше именце кое ќе го милува. И нема да има. Денес нејзините „деца” ќе добијат ново братче. Уште една книга која сведочи за нејзината сила.
Затоа се помири и се врати. Нема повеќе бегање. Се врати со крената глава. Не на мајка, бидејќи тоа не беше. Не на сакана сопруга, бидејќи ни тоа не беше...
Се врати како писателка, книжевник. Колку и имаше поинаков план за себеси во минатото, сфати дека животот сепак е најдобриот писател од сите, никогаш не можеш да знаеш каде и кога се кројат твоите денови.
Минатото ѝ беше лек. Се сеќаваше на тоа колку сила имаше во неа, да сака и да дава сè за Филип. Од денес ќе даде се за себеси. Од денес пишува нова книга. Нова среќна историја. Нови спомени со старата таа. Истиот дух, нова приказна.
А сега стана и побрза накај издавачката куќа Табернакул. Да не задоцни, да не биде непристојна. Сите сакани лица ќе бидат таму. И таа едвај чекаше да ги прегрне, да ги бакне.
Прашањето само се постави во нејзината потсвест. А тој, ќе дојде ли? Ќе дојде ли Филип? И се насмевна широко.
Бидејќи за прв пат во овие 20 години не ѝ беше важен одговорот, не сакаше да знае. Убаво е времето. После промоцијата ќе ја праша Јована дали сака да прошетаат до парк, се прашуваше дали паркот многу се променил...
Автор: К. Коштан
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!