Конечно ставив точка
Беше тоа период на созревање, од наивна девојка па се до девојка која знае колку вреди и што заслужува. Ти беше силниот, оној кој „знае“ како со девојките, оној искусниот. А јас, јас бев толку наивна, се уште верував во бајките, верував во прва и последна љубов. До некаде е добро што налетав токму на тебе, така најдобро осознав што заслужувам.
Упорно гледав со розови очила и не сакав да ги забележам сите сиви нијанси околу мене. Беше мојот совршен, единствен, се беше толку идилично. Првиот месец, кога пеперутките во стомакот летаа, кога срцето ми чукаше со некој чуден ритам кога ќе помислев на тебе. Ти беше тој вистинскиот за мене, но само првиот месец, се додека не се појави таа.
Се појави ТАА во нашата врска, ти самиот ми го кажа тоа. Чудно се чувствував, за прв пат напукнаа моите розови очила, но сепак јас ставив запирка на местото каде што требаше да има точка. Ставив запирка поради таа детска надеж која беше во мене. Надеж дека таа ќе си замине онака како што се појави и дека ние ќе бидеме повторно како на почетокот.
Колку само се лажев себе си. Сакав да те задржам, но не знаев зошто. Веројатно бев слаба за да продолжам без тебе, бев изгубена, ти беше тој што ми покажуваше каде да се движам.
Сепак таа остана, се појавуваше од време на време да ме потсети дека можам да те изгубам. Ја гледав нејзе како закана, и повторно грешев. Таа не беше никаква закана, заканата беше самиот ти.
Се соочив со тоа дека таа ќе биде дел од нас и повторно ставив запирка поради некоја причина која ни самата не ја знам. Верував во твоите зборови дека таа е минато и покрај тоа што беше повеќе од очигледно дека таа е се уште тука. И покрај сите факти кои се појавуваа пред мене јас се уверував самата себе дека таа е минато.
Запирките продолжија да се редат. Ставив запирка и откако ги изгубив сите пријателки поради тебе. Ти ми беше доволен. Заборавив на мојот социјален живот и се препуштив само на тебе. Полесно ми беше така, се тешев дека сме си доволни еден на друг. Верував дека ќе успееме, слепо те идеализирав. Не сакав да слушнам лош збор за тебе бидејќи тоа не се совпаѓаше во мојата слика. И додека ти имаше другари, се собираше со нив на пиво, одеше на некакви журки, имаше живот надвор од нашата врска, јас те чекав дома. Очајно го чекав твојот повик и секогаш те примав кога пијан ќе дојдеше во ниедно време со туѓ женски парфем на тебе.
Ставив запирка и по твоето насилно однесување. После сите модрици кои ја пишуваа нашата приказна на моето тело, после сите долги ноќи кога плачев без престан, јас ставав запирка. „Ќе се промени“ си велев утешително. Ја барав вината во мене. Сепак во моите очи јас бев таа која не беше доволно добра. Бидејќи јас не бев доволно добра се појави таа, се појавија и многу други за кои никогаш не ми призна, јас бев виновна и што крена рака на мене. Затоа молчев, затоа секогаш ти се враќав со солзи во очите без да размислам низ што се ќе поминам повторно со тебе.
Секогаш кога сакав да кажам крај, јас велев уште една последна шанса. Повторно и повторно го преживував истото. Станував се позависна од тебе, немав никој друг во животот. Можеби тоа ти беше целта да не можам без тебе, да бидам изгубена без тебе. По секој твој љубоморен испад јас ти се правдав. Молев за прошка дури и тогаш кога навистина немав ништо погрешно направено. Се обидував да бидам најдобра што можам, но не ти беше доволно. Давав се од себе, но попусто, секогаш успеваше да најдеш нешто што тебе не ти одговараше, секогаш наоѓаше причина за расправа.
И после сите твои лаги, навреди и понижувања јас ставав запирки. Верував во тебе, верував дека ќе станеш подобар човек, дека еден ден ќе ме разбереш, ќе сфатиш колку болка си ми нанел. Ставив премногу запирки залудно, ја потрошив целата моја енергија за да поправам нешто што одамна се расипало. Се надевав дека еден ден ќе бидеме среќни, дека ќе успееме.
Велат кога нешто ќе се скрши залудно е да се лепи, секогаш ќе постои некоја пукнатина. Ние имавме премногу пукнатини, прашање беше само кога се ќе се распадне. На крајот се изморив. Сите тие запирки беа преголем товар за мене.
Да, конечно се откажав, згасна и последната надеж во мене, сфатив дека не можам да те променам, сфатив дека не сме еден за друг. Конечно решив да ставам точка иако тоа требаше да го направам многу порано.
После толку време ти благодарам што беше се полош после секоја моја запирка. Ти благодарам што беше себичен и што гледаше само за себе. Се уште не знам која ти беше целта, можеби тоа е едноставно твојот начин на живот, но јас извлеков голема лекција.
Научив дека иако сум девојка не сум слаба за некој друг да управува со мојот живот, научив колку вредам и ти ветувам дека никогаш повеќе нема да дозволам некој да ме понижи онака како што ти тоа го правеше. Нема да ја повторам истата грешка, нема да ставам запирка онаму каде што одамна треба да има точка.
Автор: Д.Х.
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!