Македонецот што ја воодушеви Џеј Ло: „Не освоив 1 милион долари, но освоив 1 милион срца“
Кога гледате како Мајкл Дамески танцува чувствувате дека ви раскажува приказна и ве преплавуваат емоции... Ваков талент ретко се раѓа. Неговите изведби се вистинска уметност.
На втората сезона од натпреварот „World of Dance“, чиј дел од жирито беше и Џенифер Лопез, а финалето се одржа на 12-ти септември, победи танц групата The Lab и освоија награда од 1 милион долари.
На второто место заврши 22-годишниот Мајкл Дамески, Македонец роден во Сиднеј. Неговите родители имаат потекло од Прилеп. За голем дел од луѓето ова неверојатно талентирано момче требаше да ја понесе првата награда.
На официјалната страница на „World of Dance“ голем број луѓе коментираат дека Мајкл заслужил да биде победникот, но групата The Lab била составена од деца со солзи во очите кои испратиле силна порака со настапот, па затоа победиле, но кога станува збор за талент за танцување, тогаш дефинитивно триумфот е на Мајкл.
Но, без разлика на крајниот резултат, Мајкл стигна до врвот и сега целиот свет слушна за неговиот талент, па нема да биде чудно ако наскоро го видиме во некој од спотовите на Џенифер Лопез.
„Благодарен сум за ова искуство. Научив многу за себе и за своите способности. Нема сопирање за мене, ќе продолжам да го правам тоа што го сакам засекогаш. Можеби не добив 1 милион долари, но дефинитивно освоив 1 милион срца. Тоа ми значи најмногу. Ви благодарам „World of Dance“ и на сите кои ме поддржавте на ова патување. Честитки до победниците. Секој што изведуваше во финалето ја заслужува наградата, тоа е неспорно. До следниот пат...“, напиша Мајкл Дамески на својот Инстаграм профил по завршувањето на натпреварот.
Неговата изведба во финалето:
Michael Dameski has made his mark.
Posted by World of Dance on Wednesday, September 12, 2018