Белег на македонската култура и наша гордост: Како се изработувале македонските народни носии?
Македонската жена од руралните краишта е таа која часови и часови поминувала над разбојот за да ги создава овие уметнички дела, скроени и везени до најситниот детаљ. Жените ги изработувале носиите од почетокот до крај, почнувајќи со предењето на суровините и бојосувањето на преѓата. Македонските носии се гордост македонска, зарем не?
Македонските народни носии се еден од најубавите, најисконските и најстарите белези на нашата богата култура, минато и историја.
Низ дезените и везовите на носиите е испишано тешкото минатото на македонскиот народ. Како што се менувал животот на Македонците низ вековите се менувале и носиите, како сведок на сите социјални, економски, историски и културни настани.
Пренесувани од колено на колено, рачно изработени, ткаени и везени од неуморливите раце на талентираните македонски жени, народните носии се богатство кое треба да се зачува.
Кројот, шарите и везовите на носиите помагале да се разликуваат селаните од граѓаните, богатите од сиромашните, земјоделците од занаетчиите, а за секоја свадба или селска слава се додавале посебни украси на носиите, а за невестите се везеле нови.
Рачно изработени од преѓа, волна и памук
Македонската селска жена е таа која со часови поминувала над разбојот за да ги создава овие уметнички дела, скроени и везени до најситниот детаљ.
Жените ги изработувале носиите од почетокот до крај, почнувајќи со предењето на суровините и бојосувањето на преѓата. Преѓата е конец најчесто изработен од волна, но може и од памук и лен.
Потоа, следувала изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето до украсувањето и китењето. Во кроењето на деловите од носиите, машки и женски, кошули, здолништа, елеци и кецели, најчесто се користело волна, коноп, лен и памук, а само побогатите користеле свила.
Во најголем дел број случаи горните машки и женски облеки се изработувани од домашна четворно ткаена волнена ткаенина „клашна“ или „шајак“, во бела, црна или сура боја – природна боја на волна или од четворно ткаена ткаенина од црвено и темносина бојосана преѓа.
Подоцна, со појавата и развојот на занаетчиството, се појавиле терзиите-кројачи, кои главно ги изработувале и украсувале горните облеки, додека кујунџиите го изработувале накитот и појасите, најчесто сребрен кој се користел за свечени пригоди.
Шарите и везот раскажуваат приказни од македонското минато
Секој вез, секоја шара, секоја боја исткаена на народните носии раскажува за македонското минато.
Поборникот за македонскиот јазик и култура, Крсте Петков Мисирков, за македонските носии има запишано:
„Народниот вез и народната носија се достоен пандан на највисоките дострели на народната поезија и народната музика.
И во нив, во тие прекрасни разнобојни и разновидни облеки, текстилни украси и орнаменти, народот низ вековите ги излеал и ги изразил своите неоматени дарби, копнежи, желби и надежи и оставил долготрајни траги на своето високо уметничко ракотворење, но и умеење“.
Главни карактеристики и одлики на македонските народни носии се раскошниот вез, со традиционалните цветни шари и геометриски форми, плетените шари во силни бои, бордури, срмата и плетенките, како и накитот, главно изработен од метал, сребро, разнобојни мониста и плодови од природата.
Везовите, без сомнение, се највпечатливиот дел од народните носии, кој плени со неговата мајсторија, креација, сплетот на бои и техники.
Тие моќни везови и денес претставуваат една од најзначајните етнолошки вредности, а нивната убавина е позната надалеку.
За везење најчесто се употребувале волнени конци, што било условено и од развиеното сточарство некогаш во Македонија, а се приготвувале на домашен, традиционален начин од најквалитетната волна „каделка“.
Покрај волната, особено за празничните облеки, за везење биле во употреба и свилени конци, а во некои краишта во Македонија било познато и домашното одгледување на свилена буба. Најчесто биле везени со свила сокаите, убрусите и марамите, а кошули со свилен вез најдолго се одржале во Полог, Дебар, Охридско Поле, Горна Преспа и Мариово.
Секој вез е своја приказна, и според боите и техниката на работа, може да одреди на кој крај од Македонија и припаѓа таа носија
Од сите македонски везови, највпечатлив е мијачкиот вез кој во себе спојува повеќе традиционални елементи на старата култура. Во неговата изработка доминира црвената боја.
Во везовите што потекнуваат од Скопска Црна Гора и Долни Полог доминантна е црната боја.
Често на македонските везови можат да се видат и зелената, жолтата или темносината боја. Она што е карактеристично за сите македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви, најчесто инспирирани од секојдневниот селски живот.
Везот на женската носија од кумановско, по својот ликовен третман и карактеристична чисто геометриска орнаментика, создадена од аглести форми со испрекршени и назабени контури, е единствен во Македонија.
Везените кошули од Дебарски и Струшки Дримкол, од Струшко и Охридско поле за мотив ги имаат цветните градини, па за овој македонски крај, преовладуваат природните мотиви. Тука цветните стилизации достигнале најширока примена и најреална интерпретација на природните форми.
Со посебни естетски и технички квалитети се истакнуваат струшките и охридските сокаи за на глава, везени со свила или волна.