Во Македонија луксуз ни стана да отидеме во театар, на фризер и на ручек во кафеана

Дојдовме во ситуација кога се молиме да не ни се најават гости, затоа што еден убав пречек ќе нè чини најмалку 2.000/3.000 денари, ниту си дозволуваме одење на театар затоа што веднаш сумата за билети ја пресметуваме во килограми месо и ручеци за дома, па си велиме ајде и месецов ќе го прескокнеме ова задоволство.

vo-makedonija-luksuz-ni-stana-da-otideme-vo-teatar-na-frizer-i-na-ruchek-vo-kafeana-01.jpg

Цените вртоглаво си растат, а платите многу, мноооогу побавно, а животот во нашата Македонија си станува сè потежок.

Се разбира, не говорам за сите, говорам за поголемиот дел од народот... Оној кој живее од први до први, од плата до плата.

Народот кој не може ништо да стави настрана, а за да појде на одмор треба да се позајмува или да подигнува кредити за тоа. Потоа му требаат месеци да се стабилизира.

Да, седум дена на море се луксуз за многумина, а за дел дури и далечен сон.

Работиме напорно, се трудиме, вложуваме, даваме сè од себе, а на крајот едвај крпиме крај со крај и на моменти дури мизеруваме.

Фрижидерот зјае празен, прикрпуваме за оброк што ќе ни се најде, па чекаме плата за добро да го наполниме. После плата дури чувствуваме дека сме си направиле вистинска гозба.

Порано на редовна база заменувавме ручеци дома со ручеци во кафеана, а сега кафеаните со новите цени сè повеќе ни стануваат луксуз, а изгледа ќе останат резервирани само за семејни собири и прослави со специјални поводи.

Едно влегување во аптека за нашите деца нè чини еден бубрег буквално, а кога се они во прашање не можеме да штедиме на буквално ништо.

Мора и млекце и тетратки и нови патики, а да не говориме за фактот што некои луѓе училиштата ги претворија во модна писта, па сега треба да се тресеме некој да не ни го исмее детето што повторно оди на училиште со стариот ранец и фармерки од лани.

Постојано како по автоматизам го прескокнуваме купувањето за нас, па си велиме ајде и оваа сезона ќе ја истерам со чевлите од лани, уште се во добра состојба.

Се молиме да не ни се најават гости, затоа што еден убав пречек ќе нè чини најмалку 2.000/3.000 денари. Мора да имаш и пиво и вино и нешто да се касне, такви сме си домаќински научени.

Потоа на листата кога ќе ги наредиме сите средства за хигиена, па сметките за одржување на зградата, па струја, парно, вода и на крај ни треба многу, многу добра математичка пресметка за да успееме да го дочекаме први.

Сега се случува на прсти да се изброи кога сме биле на кино, во театар, на концерт. Едно одење за 4-члено семејство чини многу, а кога ќе го пресметате тоа во килограми месо и ручеци за дома си велите ајде и месецов ќе го прескокнеме одењето.

И не, не велам дека овие цени се неосновани, сите уметници и институции од овој тип заслужуваат и браво и восхит и да бидат уште подобро платени, јас зборувам за нашиот низок стандард кој полека, но сигурно се влошува до степен да не можеме да си ги дозволиме основните работи.

Животот полека ни се претвора во робување работа-дома, без клучната состојка за среќа – малите задоволства.

И не велам дека седење на клупа во природа или пешачење на планина не е задоволство, но говорам за оние задоволства кои финансиите полека, но сигурно ни ги претвораат во мисловна именка.

И дали ситуацијата во нашата Македонија ќе се поправи – не знам... Но, искрено и од срце се надевам додека се поздравувам со солзи во очите со уште една другарка која заминува во странство на печалба и за подобро утре на своето дете.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

И во Македонија има мажи домаќини, такви кои домот го претвораат во храм И во Македонија има мажи за медал. Онакви посветени на домот и семејството. Орга...
8 работи кои некогаш беа хит, а денес се застарени Некогаш рецепти баравме во тетратките на баба, денес ги пребаруваме преку интерн...
„Леле, види ја ама се теткосала“ - Во Македонија човек како да не смее да остари, секој има коментар... Зошто судите? Дел од жените верувајте живееле потешко од вас, дел од нив се сооч...
И ние бевме првачиња, па успеавме и без накитени торти, ранци и кутии за храна – потребен ли е овој ... Се приближува почетокот на новата учебна година, време кое за родителите на прва...
Мики Секуловски за CRNOBELO лексикон: „Брат ми правеше бељи, јас го извлекував подебелиот крај“ „Се плашам од користољубиви луѓе, а најголем идол ми е татко ми“ - Мики Секуловс...
Од Македонија го пропатував половина свет - Што научив од моите соло патувања? Како да беа вчера деновиве кога сам кампував низ различни земји, кога без интерн...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg