Одличен проект: Куќички во Болоња направени со 3Д принтер за чија изградба не се прави воопшто отпад (фото)
Пред неколку години, 3Д печатачите беа комплицирана технологија, имаа огромни цени и немаа некоја голема практична примена, но денес се користат и за изградба на цела куќа.
Токму ваков е проектот наречен TECLA – куќички изградени само со помош на 3Д печатач, и тоа со рециклирачки материјали.
Куќите кои наликуваат на куполи се дизајнирани од архитектонската фирма Mario Cucinella Architects, а се „печатени“ со помош на технологијата на италијанската компанија WASP. Куќите се направени од глина и локални материјали, кои потоа можат лесно да се рециклираат, а при нивната изградба не се прави никаков отпад.
Куќите сè уште се во изградба, и тоа во близина на Болоња, Италија, а штом ќе бидат готови, ќе бидат првите структури изградени со неколку 3Д печатачи одеднаш.
Според планот, изградбата треба да заврши оваа пролет, а уште подобро е што од компанијата WASP ќе објават и прирачник со чија помош и другите ќе можат да градат вакви куќи.
Иако куќите се малечки, внатрешноста изгледа пространо и би биле доволно удобни за двајца.
Бидејќи принтерот ги гради куќите слој по слој, тие имаат и интересна структура на ѕидовите, па ентериерот изгледа навистина уникатно. Куќите имаат и кружен прозорец на таванот.
Тимот зад TECLA се надева дека навреме ќе го завршат проектот, но и дека ќе имаат можност да градат вакви куќи насекаде низ светот.
Спирова С. | Црнобело / Фото: WASP