Автобус, авион: Луѓе си направиле прекрасни домови од превозни средства (фото)
Ако сте вљубеници во авантура и необично искуство, тогаш дефинитивно ќе ви се допаднат овие мали куќички направени од необични возила.
Некои луѓе имаат навистина многу креативен ум, па од една работа може да создадат нешто со сосема друга намена. Некои такви личности создале прекрасни куќарки и тоа од стари возила.
Возила кои луѓето си ги претвориле во прекрасни домови:
Интересно камперско комбе
Брачен пар од Тексас VW камперот од 1984 година го направил дом, уредувајќи простор за живеење, спиење, готвење и јадење и тргнал на авантури. Тие се одлучиле за минималистички стил, винтиџ шпорет и парчиња мебел што имаат повеќе од една функција.
Мало е, но има доволно место за нив двајца и нивните кучиња. А бидејќи се работи за камперско комбе, а не за приколка, лесно е да се маневрира по патот.
Куќичка во воз
Оваа мала куќичка е изградена во старомоден црвен вагон од воз. Се наоѓа во шумата на рид во Минесота, главниот кат има дрвени подови и простор за седење со кауч и биро.
Од прозорецот има поглед на езеро и кујна со шанк, шпорет и фрижидер. Куќата нема водовод, па затоа треба да се носи вода за готвење и капење.
Величествениот автобус
Овој автобус е претворен во мала шармантна куќичка со дрвени подови и прекрасна светлина која доаѓа од многуте прозорци. Овој автобус може да се изнајмува како гостинска куќа, а струјата е обезбедена со помош на соларни панели.
Овде може да спијат четири лица, а кога е убаво времето уште четири лица може да спијат во шатори.
Куќичка направена во рамка од автобус
Мира и Џереми Томпсон имале одлична идеја, па од рамка од училиштен автобус создале мала мобилна куќа која совршено одговара на нивното тричлено семејство. Мира го дизајнирала домот, а Џереми ги извршил градежните работи.
Куќата одвнатре изгледа како вистинска викендичка, така што не би ни претпоставиле дека станува збор за куќа изградена на рамка од автобус.
Куќа направена во авион
Пензионираниот електроинженер, Брус Кембел, изградил куќа во внатрешноста на стар авион Боинг 727. Фокусот на Кембел бил на одржливоста и на издржливоста на куќата, а не на шармот.
Зачувал многу од карактеристиките на авионот, како редови седишта и пилотската кабина, а тоалетот и мијалникот во бањата ги направил функционални. За овој авион, во 1999 година Кембел платил 100.000 долари и оттогаш вложил уште 120.000 долари за реновирање и претворање во простор за живеење.
Кампер на камион
Компанијата Nomad Vanz продава кампер вграден на шасијата на Ford F-550 или Ram 5500 и е цврста куќа за живеење или авантура. Камперот може да се приспособи, а може да изберете генератор или батериски пакет плус соларни панели за напојување на светилки или апарати.
Ова е куќа за живеење со тоалет, бојлер, шпорет, клима-уред, кревет… Ова е подвижен дом, совршен за авантури.
М. Ѓ.| Црнобело