Идеи за креативни празнични декорации што може да ги направите со децата
Новогодишните и божиќните празници се на прагот, кои воедно се и најголема радост за децата. Пред нас е период на декорации, купување подароци, пакетчиња, училишни работилници и базари...
Малите проекти за изработка на новогодишни декорации може да бидат идеален повод за семејството да се собере на купче и заедно со најмалите сами да си изработите декорации.
Точно е дека има огромен избор на декорации што може да се купат по ниска цена, но децата сигурно секогаш ќе ги поминат миговите поминати со мама и тато дома или во училиште кога заедно работеле и направиле нешто.
Доколку немате идеи што би можеле да направите, социјалните мрежи се преплавени со видеа за мали лесни изработки, што дури и оние што не се премногу вешти за изработки би можеле да ги направат.
Издвоивме проекти што може да ги изработите со материјали што најверојатно веќе ги имате дома: ролни од тоалетна хартија, балони, лепило, боички...
Погледнете во продолжение неколку лесни проекти за изработка:
Мек снешко од влажно марамче и памук
За овој Снешко ви треба 1 влажно марамче и малку памук за да го формирате телото.
Направете капче и шалче од пластелин и со маркер нацртајте му очи.
Секако, носот може да му го направите од портокалов пластелин, кој може да го залепите со лепило, доколку има потреба.
Декоративна куќичка од картон
Ова е идеална декорација за прозорците, за која ви се потребни картон, бел маркер, ножички...
Куќичките се цртаат на поголемо парче картон, се декорираат со бел маркер и се ставаат на прозорецот. Може декорацијата да ја дополните со сијалички и зимзелени гранчиња.
Лесни снегулки од хартија
Овие снегулки сигурно ќе ве потсетат на детството. Потребен ви е само бел лист хартија и да го преклопите како во видеото...
Нацртајте ја снегулката и исечете со ножички.
Мали ирваси од ролни од тоалетна хартија
Ролните од тоалетната хартија може да ги рециклирате и од нив да изработите мали срнички.
Треба само да ги обликувате ролните од тоалетна хартија, да ги исцртате со маркери и да залепите гранчиња во форма на рогови.
Голем снешко од тоалетна хартија
За да направите ваков голем снешко потребна ви е тоалетна хартија, лепило за хартија (бело), балон и украсна хартија.
Хартијата се премачкува со лепило за хартија и се лепи на балонот во форма на топка.
Потребно е да се направат две вакви топки.
Кога ќе се исуши лепилото, балоните се дупнуваат. Од двете топки од хартија се формира снешкото и потоа низ нив може да се стават сијалички на батерии.
Готовиот снешко се надополнува со шапка од хартија, шалче и „морков“ изработен од хартија.
Б. С. Б. | Црнобело