Велигденски јајца со Дизни мотиви - дело на креативна скопјанка (фото)
Од Јасмин на Аладин до Снежана и седумте џуџиња, дечињата не можат да одолеат на велигденските јајца што ги црта Елица Блажевска.
Елица Блажевска, 31 година од Скопје, по професија e дипломиран преведувач и толкувач од албански на македонски јазик, и обратно, и голем вљубеник во уметноста.
Со својот талент таа дополнително го разубавува празникот Велигден.
„Уште од детство цртањето ми е хоби и љубов и ми го исполнува слободното време. Како верник кој ги празнува и ужива во христијанските празници пред неколку години ми се роди оваа идеја мојата креативност да ја изразам преку цртање на велигденски јајца.
Почнав пред 8 години кога го нацртав првото јајце за мојот внук и оттогаш не поминува Велигден без цртани велигденски јајца. Најчесто мотивот го пронаоѓам во ликовите од светот на Дизни и стрип јунаци со кои израснав.
Пред 6 години освоив награда на конкурс за најубаво велигденско јајце. Пред секој Велигден веќе размислувам кој лик ќе го цртам, сакам да не се повторувам па така секоја година цртам различни ликови. Откако ќе го направам изборот почнува и обработката, цртање со молив на јајцето и боење со акрилни бои.
Обично цртам на природни вапцани јајца, а од годинава почнав да цртам и на дрвени наменети за најмалите дечиња. Најчесто ги подарувам на најблиски и пријатели, најголемо задоволство и она што ме радува е насмевката на нивните лица откако ќе ги добијат“, вели Елица Блажевска за CRNOBELO.com.
Нејзините уникатни велигденски јајца:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело