Грција е втора земја во светот според број на најчисти плажи – има 581 плажа со наградата „Сино знаме“
- Детали
- среда, 18 мај 2022
Во 2022 година Грција стана втората земја во светот по број на најчисти плажи, откако 581 од плажите ја добија престижната награда „Сино знаме“ бидејќи ги исполнуваат строгите критериуми за чистота, безбедност и пристапност, а најмногу има на Халкидики.
Сино знаме (Blue Flag) e престижна награда која се доделува на плажи, марини и компании кои оперираат со туристички бродови. Кога се доделува наградата, се земаат предвид неколку критериуми, како чистотата, безбедноста и пристапноста.
Наградата ја доделува Фондацијата за еколошка едукација чија цел е да ја зголеми свеста за екологијата и важноста од тоа да ја зачуваме нашата планета.
Грција често котира високо на листата со наградени плажи, а годинава се најде дури на второто место.
Од 50 земји кои можат да се пофалат со плажа со „Сино знаме“, во Грција има вкупно 581 плажа кои ја добија наградата за 2022 година.
Покрај тоа, со „Сино знаме“ биле наградени 15 марини, како и 6 туристички бродови.
Според Greek Reporter, најмногу плажи со „Сино знаме“ има на Халкидики – дури 96.
На првото место годинава се наоѓа Шпанија, со 621 плажа со „Сино знаме“.
Како што спомнавме, „Сино знаме“ е програма чија цел е да се подигне свеста за заштитата на околината. Наградата се доделува од 1987 година за плажи и марини, а од 2017-та е воведена категоријата за туристички бродови.
Со оваа програма, Фондацијата за еколошка едукација сака да ги мотивира властите на земјите ширум светот да обрнуваат повеќе внимание на екологијата и да ги направат плажите почисти и побезбедни за посетителите.
Мапата со сите плажи кои добиле „Сино знаме“ годинава можете да ја погледнете ТУКА.
Спирова С. | Црнобело
фото: depositphotos.com