„Имам синдром на повеќекратна личност – во мене ’живеат‘ 25 различни идентитети“
- Детали
- вторник, 04 февруари 2025
Бу Хупер од Англија има синдром на повеќекратна личност и во неа „живеат“ 25 различни идентитети, вклучувајќи и 13-годишно момче и средовечна жена. Како изгледа животот на луѓето со ова нарушување?
Синдромот на повеќекратна личност е ретко ментално нарушување поради кое една личност има неколку идентитети.
Обично нарушувањето настанува поради траума или изложеност на преголем стрес, особено во детството, поради што мозокот креира уште една личност со цел да се заштити.
Во ваквите случаи можно е „главната“ личност да не биде свесна за постоењето на другите идентитети и да мисли дека само има дупки во сеќавањето.
Можеби најчудно кај нарушувањето е што овие идентитети можат да бидат од кој било пол и на која било возраст, независно од „главната“ личност.
Луѓето со ова нарушување во просек имаат по десет личности, но има случаи каде се забележани и речиси 100 различни идентитети.
Бу Хупер од Англија е 26-годишна девојка која има синдром на повеќекратна личности и неколкупати има зборувано за нејзината состојба.
Таа вели дека кај неа се идентификувани 25 личности, вклучувајќи и 13-годишно момче, па и средовечна жена.
Имено, Бу нема контрола над другите идентитети и не знае кога некој од другите ќе преземе контрола.
Поради ова, таа не може ни да си најде работа.
„Сите личности се различни и ми требаше многу време да ги научам сите. Има 13-годишно момче кое многу сака да зборува.
Има и жена која се нарекува Трејси и е многу поразлична од мене бидејќи јас сум многу срамежлива, а таа е самоуверена.
Некогаш другите идентитети се појавуваат само на неколку минути, но некогаш остануваат и подолго“.
Бу вели дека секоја од личностите кои „живеат“ во неа имаат разни вкусови за облека, храна, музика…
Таа открива дека почнала да забележува дека нешто не е во ред кога била тинејџерка.
Нејзините пријатели воочиле промени во нејзиното однесување – на мигови била арогантна и се однесувала како потполно друга личност.
Првично Бу ја игнорирала загриженоста на пријателите, но почнала да сфаќа дека има дупки во сеќавањето. Сепак, таа нема откриено која е причината за нејзиното нарушување.
„Еднаш бев во забавен парк и како да се исклучив од реалноста и не се сеќавав на ништо. Кога се освестив имав вртоглавица“, има изјавено Бу за Daily Mail.
За британскиот медиум, уште неколку лица со ова нарушување имаат споделено свои искуства.
Нацуми е 19-годишна девојка која исто како Бу има 25 идентитети.
„Имам забележано дека идентитетите се појавуваат случајно, а некогаш и за време на силни емоции.
Секој со ова нарушување различно го чувствува ова, но јас како да се исклучувам од реалноста за миг. Малку е тешко да се објасни“.
Нацуми открива дека кога била дете, сведочела на смртта на баба ѝ со која била многу блиска.
Семејството не ѝ понудило никаква поддршка, па според нејзиниот психијатар, веројатно тоа е причина за нарушувањето.
Друга девојка, Рен, за Daily Mail вели дека била жртва на силување и кај неа оваа траума е причина за нарушувањето.
„Не се сеќавам на инцидентот бидејќи тогаш како да изгубив свест. Но, идентитетите кои се појавија тогаш се сеќаваат“.
Рен вели и дека некогаш ги слуша другите идентитети како разговараат.
„Наутро можам да ги слушнам другите делови од мене, како да пробуваат да комуницираат со мене.
Гласовите доаѓаат однатре, значи нешто како мисла, но поразлично“.
Нема лек за ова нарушување, но експертите велат дека со помош од психијатар, луѓето можат да водат релативно нормални животи.
Спирова С. | Црнобело