Први фотки од изолирано племе во Амазонија – Чуваат черепи од животни на дрвја, немаат контакт со надворешниот свет
- Детали
- вторник, 24 декември 2024
Народот Масако живее во Амазонската прашума во Бразил и неодамна организацијата што го штити објави први фотки од племето направени одблиску. Народот живее примитивно, лови со копја и е еден од ретките кои немаат никаков контакт со надворешниот свет.
Малку места во светот останале недопрени од човекот. Уште помалкубројни се племиња и заедници кои немале апсолутно никаков контакт со надворешниот свет.
Едно вакво племе од народ нарекуван Масако се наоѓа во Амазонската прашума на територија на Бразил.
Името на народот е инспирирано од реката која минува низ местото каде што живеат, но не е познато како се нарекуваат самите.
Дел од првите фотографии од племето направена со автоматска камера
Изолираното племе е заштитено од бразилските власти кои имаат поставено забрана за приближување во областа каде што живеат.
Некогаш, Бразилската фондација за домородно население му помага на племето, оставајќи им орудија, како секири.
Но, никако не стапуваат директно во контакт со нив од низа причини, најмногу за да не ги изложат на ризик од болести за кои тие немаат стекнато имунитет.
Секако, важно е да се зачува и нивниот начин на живот кој во модерниот свет е уникатен.
Скоро секој аспект од животот на народот Масако е мистерија за нас – не знаеме каков јазик зборуваат, дали имаат религија, ниту каква е нивната социјална структура.
Единствено е забележано дека за разлика од 1990-тите, сега племето е поголемо и брои од 200 до 250 луѓе.
Сепак, со помош на автоматски камери поставени во џунглата, Бразилската фондација за домородно население успеа да ги направи првите фотки од племето.
На фотографиите, кои се направени во февруари 2024, но беа споделени во јавност дури сега, се гледаат група мажи кои ги собираат орудијата оставени од Фондацијата.
Од Фондацијата им оставаат орудија не само за да им помогнат, туку и за да ги спречат да излезат од нивната територија во потрага по алати и слично, и со тоа да се изложат на ризик.
Автоматските камери, пак, се поставени на неколкуте локации на кои им ги оставаат орудијата.
Од Фондацијата го следат племето со помош на сателити, а претходно имаат фотографирано нивни напуштени живеалишта.
Напуштено живеалиште на племето
Од досегашните истражувања, откриено е дека племето лови со копја долги и до три метри, како и дека си го менуваат живеалиштето во зависност од сезоната.
Напуштено живеалиште на племето
Копја фотографирани во напуштено живеалиште во 2019 година
Се штитат од непознати така што закопуваат стотици мали дрвени боцки во земјата.
Дрвените боцки што ги закопуваат во земја
Забележано е и дека имаат обичај да редат черепи од животни на дрвја, но не е познато од која причина.
„Сега, со новите детални фотографии, можеме да забележиме дека изгледаат слично како домороден народ во Боливија. Сепак, не можеме со сигурност да кажеме кои се.
Обвиени се со мистерија“, вели експерт од Фондацијата кој неколку децении работи на заштита на живеалиштето на племето.
Тотем од черепи забележани во близина на напуштено живеалиште на племето
Во Амазонската прашума има околу 60 народи кои немале контакт со надворешниот свет и сите се заштитени.
Заштитата е воведена од 1980-тите, откако обид за контактирање на домородно население поттикнат од властите завршил кобно – починале 90% од луѓето кои биле контактирани.
Дупка за која се верува дека е направена од племето
Еден од начините на кои племето веројатно складира храна
Главната причина за смртта биле болести за кои домородното население нема имунитет.
На сличен начин се заштитени народи и во Перу, Колумбија, Еквадор и Боливија.
Спирова С. | Црнобело