„Се вљубив во згоден полковник на Тиндер – му позајмив 20.000 долари, па дознав дека тој воопшто не постои“
- Детали
- недела, 01 декември 2024
Би поверувале ли вие дека ова на видеата и на фотографиите не е вистинска личност? Како 60-годишна Британка наседнала на онлајн измама, креирана со вештачка интелигенција?
Британката Мери (60) е една од последните жртви на онлајн измами, откако се вљубила во згоден полковник на Тиндер.
Таа со него водела долги видеоразговори и била уверена дека конечно ја нашла вистинската личност од соништата, но потоа се нашла во вистински кошмар.
Британката сака да остане анонимна, но за National Fraud Helpline ја сподели својата приказна и ги покажа фотките и видеата од згодниот полковник со цел да ги предупреди жените да не наседнуваат на измамата.
Таа веќе 20 години живеела како вдовица и била осамена. Заради тоа направила профил на Тиндер и кога го запознала 61-годишниот американски полковник Мајк Марди, мислела дека го нашла својот „принц“.
„Ми прати видео во кое носеше униформа и беше многу згоден“ – вели Мери.
Тие двајца почнале да водат долги разговори на социјалните мрежи, па полковникот ѝ раскажал дека ја загубил сопругата која била болна од рак, па дури и ѝ покажал заеднички фотографии со неа.
Мери била убедена дека Мајк е вистинскиот човек за неа, и кога тој ѝ ја побарал адресата, таа без двоумење му ја дала.
Следниот ден во нејзиниот дом, стигнал подарок со златна роза и други ситници, а на пораката што ѝ ја оставил полковникот напишал:
„Ти си таа со којашто сакам да бидам, сега и засекогаш!“
По, ова започнала втората фаза од добро разработениот план за измама.
Мајк, кој тврдел дека е од Нешвил, САД, ѝ рекол на Мери дека е на својата последна мисија во Куба и дека му треба помош да го доисплати животното осигурување за сопругата.
Со парите што ќе ги добијат, тие двајца ќе можат да уживаат во пензионерските денови.
Тој ја замолил да му прати пари во банка, за да добие куферче со 766.000 долари на нејзината врата.
Кога Мери го добила куферот, полковникот ѝ рекол дека треба да уплати уште 10.000 долари за да го добие кодот за отклучување на куферот.
Британката прво се двоумела, но тој ѝ пратил уште едно видео во кое ѝ рекол дека ѝ се поважни парите, отколку нивната заедничка среќа.
„Те молам верувај ми… Ајде да го завршиме уште ова за да можеме да уживаме заедно во пензионерските денови“ – вели полковникот во едно видео.
Жената, уверена дека треба да ја докаже својата љубов, ги префрлила парите на сметка, по што не добила код за отклучување на куферот…
Насилно го отворила куферот и внатре имало само бела хартија.
Таа побарала помош од властите, кои откриле дека станува збор за добро разработена шема за измама, креирана со помош на вештачка интелигенција.
Полковникот воопшто не постои, туку е лик создаден со софистицирана технологија, кој мошне лесно може да ги измами личностите што не се ниту свесни дека постојат вакви технолошки можности.
Б. С. Б. | Црнобело