Детали за смртта на британскиот инфлуенсер кој падна од мост во Шпанија – сакал да направи фотка, но му се слошило
- Детали
- среда, 16 октомври 2024
Трагично заврши животот на млад британски инфлуенсер кој без заштитна опрема искачувал некои од највисоките градби во светот за да се фотографира. Британецот Луис Стивенсон паднал во сигурна смрт од мост во Шпанија. Според властите, тој се лизнал, а девојка му тврди дека му се слошило...
Во неделата (13.10) британскиот инфлуенсер Луис Стивенсон (26) паднал од највисокиот мост во Шпанија, во Кастиља Ла Манча.
Мостот во Кастиља Ла Манча
Луис бил познат по тоа што со години наназад се искачувал на некои од највисоките градби во светот и оттаму објавувал фотографии.
Во минатото, Луис без заштитна опрема се искачувал на некои од облакодерите во Њујорк, во Лондон, Хрватска и Мексико...
Но, искачувањето на мостот висок 192 метри било кобно за младиот инфлуенсер.
Според информациите објавени во шпанските и британските медиуми, Луис сакал да ја искачи градбата заедно со 24-годишен пријател, кој по трагедијата бил во вистински шок.
Од она што е познато, британскиот инфлуенсер, најверојатно искачил околу една четвртина од височината на мостот, кога се лизнал и паднал во сигурна смрт.
Инаку, искачувањето на мостот во Шпанија е целосно забрането, но најверојатно пријателот на младиот британски инфлуенсер нема да се соочи со криминални обвиненија.
„Според она што го дознавме, момчињата дошле во Талавера за да се искачат на мостот и да направат фотографии за социјални мрежи, што резултира со ваквиот трагичен настан.
Причината заради која паднал не е позната и ќе биде предмет на истрага.
И момчето што загина и неговиот придружник кој преживеа се искачувале на мостот без заштитна опрема“ – стои во соопштението од полицијата.
Тие претпоставуваат дека причина за несреќата може да бидат лошите временски услови затоа што ден претходно местото било зафатено од силни дождови.
Но, девојката на загинатиот инфлуенсер, Савана, вели дека нејзиното момче загубило свест пред да падне.
„Тој не падна. Тој загубил свест затоа што не се чувствувал добро.
Неговиот пријател што беше со него ми го испрати неговиот исказ во полиција. Ми кажа дека Луис не се чувствувал добро и му рекол: ‘Да се симнеме?’, на што Луис само одговорил: ‘Дај ми минута’, по што ја загубил свеста и се лизнал.
Се сомневам дека воопшто јадел пред подвигот, затоа што воопшто не водеше грижа за себе“ – вели таа.
Според неа, Луис отпатувал во Шпанија во петокот, а требало да се врати дома во понеделникот.
Таа и неговото семејство велат дека со години наназад го молеле Луис да се откаже од екстремните активности затоа што стравувале дека еден погрешен чекор може да го чини живот.
Б. С. Б. | Црнобело