„Мајка им е мртва, но тие се спасени“ - Приказната за дечињата кои преживеаја 40 дена во џунгла потполно сами, по авионска несреќа
- Детали
- понеделник, 12 јуни 2023
Во петокот (09.06) четири дечиња на возраст од 1 до 13 години беа спасени откако поминале 40 дена потполно сами во џунгла, по авионска несреќа. Сега спасувачите откриваат што им кажале дечињата во мигот кога ги пронашле. Како децата успеале да преживеат повеќе од еден месец, без ничија помош, во џунгла полна со диви животни, но и опасни бандити?
Изминативе два-три дена сите зборуваат за спасувањето на четири дечиња кои поминале дури 40 дена во колумбиска џунгла по авионска несреќа.
Дечињата, на возраст од 13, 9, 5 и 1 година, беа спасени во петокот (09.06) и однесени во болница во Богота. Тие се браќа и сестри, а во авионот била и нивната мајка која, за жал, загинала.
Тие се единствените кои ја преживeале несреќата, па биле оставени сами на себе, без помош од никого.
Сега, во интервју кое беше емитувано во недела (11.06) на телевизијата RTVC, членовите на спасувачката група откриваат како изгледало спасувањето.
Тие велат дека најпрво ги здогледало најстарото дете, кое во рацете го држело 1-годишното бебе.
13-годишното девојче им рекло дека е гладно.
„Најстарата ќерка, со бебето во раце, дотрча до мене. Ми рече: ’Гладна сум‘. Едно од двете момчиња лежеше на земјата. Стана и ми рече: ’Мајка ми е мртва‘.
Веднаш пробавме да ги утешиме со позитивни зборови, им кажавме дека сме им пријатели, дека нè испратило нивното семејство, татко им и чичко ми. Дека и ние сме семејство“, открива спасувачот Николас Ордонез Гомез.
Спасувачот Мануел Милер Ранок споделува дека мајка им била жива четири дена.
„13-годишната Лесли ми кажа дека нивната мајка била жива четири дена. Пред да умре, им рекла: ’Мора да се спасите. Татко ви ќе ви ја покаже истата љубов што ви ја покажав јас‘“.
Што точно се случило и како дечињата преживеале 40 дена во џунгла, без никаква помош?
Лесли (13), Солејни (9), Тиен Нориел (4) и бебето Кристин (1) исчезнаа во џунглата на 1-ви мај, по авионска несреќа.
Наводно, само една минута по полетувањето, пилотот се пожалил на проблеми со моторите, а набрзо потоа авионот се срушил.
По несреќата, во близина на авионот биле пронајдени телата на пилотот, мајката на четирите деца и друга возрасна личност.
Кога сфатиле дека наоколу ги нема телата на дечињата, спасувачите сфатиле дека тие најверојатно се живи.
По ова, била започната огромна потрага која кулминираше со спасувањето на дечињата во петокот, 9-ти јни.
Првите знаци дека дечињата можеби се живи биле парчиња свежо овошје најдени до урнатиот авион.
Ова било знак дека во близина има живи луѓе.
Но, ова не значело дека децата ќе бидат најдени брзо. Покрај тоа, во амазонската џунгла има секакви животни кои претставуваат опасност.
Низ џунглата има и банди кои произведуваат дрога и кои не би се двоумеле дали да убијат некого.
Бидејќи немале никакви лекови, децата биле изложени и на ризик од инфекции и болести како маларија.
Но, дечињата се дел од домородното население Hiutoto. Поради ова уште од најрана возраст се научени како да преживуваат во џунглата.
Додека траеше потрагата, нивниот дедо откри дека тие многу добро знаат да се снајдат во џунглата, како и дека знаат да ловат.
За децата да бидат лоцирани, спасувачите користеле разни тактики. На пример, додека летале над џунглата пуштале снимка од гласот на баба им.
Со ова им кажувале дека ги бараат и, на некој начин, ги бодреле да продолжат да се борат да преживеат.
Покрај тоа, во џунглата биле фрлени 10.000 летоци со инструкции на шпански и мајчиниот јазик на децата. На летоците имало инструкции за преживување, како и совет децата да не талкаат низ џунглата за полесно да ги најдат.
На многу места биле оставани и храна и вода во случај децата да налетаат на нив.
На крај, спасувачите ги нашле дечињата со помош на кучиња, но и благодарение на трагите што ги оставале во калливата земја.
Спирова С. | Црнобело