Се женел трипати, прв почнал да рекламира Вијагра – Што знаеме за Пеле, кој почина на возраст од 82 години?
- Детали
- петок, 30 декември 2022
Енди Ворхол рекол дека славата на Пеле ќе трае 15 векови, за време на фудбалската кариера освои 3 светски првенства, трипати се женел – Што знаеме за легендарниот бразилски фудбалер Пеле, кој почина на возраст од 82 години?
Бразилскиот фудбалер Едсон Арантес де Насцименто Пеле почина на возраст од 82 години во болница во Сао Пауло. Иконата на бразилскиот и светскиот фудбал кој во својот живот има победи на три Светски првенства се смета дека е најдобриот фудбалер на сите времиња.
Тој беше меѓу најплатените фудбалери на своето време, трипати бил во брак, а имал и повеќе афери. Последен пат се ожени на возраст од 75 години, а зад себе остави седум деца од различни жени.
Првиот пат тој бил во брак со Розмери дос Реис Чолби со која добил две ќерки и син, во април 1994-та година тој се оженил за психологот Асира Лемос Сиксас со кого добил близнаци, а во 2016-та година на возраст од 75 години се оженил за 34-години помладата Марсиа Аоки.
Пеле добил уште две вонбрачни деца од жените со кои бил во врска.
Енди Ворхол во 1977-мата година требало да направи портрет од Пеле, па тогаш рекол:
„Пеле е еден од ретките што се спротивставува на мојата теорија, наместо да има само 15 минути слава, тој ќе биде славен 15 векови.“
За него велат дека е „главен виновник“ што го променил фудбалот со комерцијализмот – бил првиот фудбалер што промовирал сè и сешто од пијалаци до Вијагра.
Тој се појавил во реклама за да промовира Вијагра произведена од Фајзер и многумина биле изненадени од оваа негова одлука.
Тој тврдеше дека никогаш не го користел лекот, но сакал да го разбие табуто околу еректилната дисфункција.
Во последните години од животот имаше здравствени проблеми, а заради повеќето неуспешни операции на колкот во последните години мораше да користи инвалидска количка.
Во септември 2021-ва година имаше операција за отстранување тумор на дебелото црево.
Пеле имаше свое обраќање и по завршувањето на Светското првенство во Катар, кога ја честита победата на Аргентина и рече дека „Диего Марадона се смее сега“.
Стадионот Маракана и статуата на Христос спасителот во Бразил беа осветлени во негова чест, а голем број негови обожаватели се собраа пред стадионот на неговиот клуб Сантос, Урбано Калдеира.
Б. С. Б. | Црнобело